Центарот на Скопје трет ден татни од багер што ги урива дивоизградените столбови на поранешниот хотел ТЦЦ „Плаза“ на местото на некогашната стоковна куќа „Беко“. Борислав Стојменов, инвеститор на објектот, вторпат сам го урива изграденото на местото на поранешната стоковна куќа. Овој пат, од неговата правна служба велат дека уриваат за да можат да поднесат ново барање за градење и да го изградат планираниот објект.
„Постапуваме по последното решение за уривање што ни го издаде градежната инспекција. Ќе се урне сè што е надвор од градежната јама. Не сакаме и за ова решение да одиме по судови. Штом заврши уривањето ќе поднесеме ново барање за одобрение за градба и ќе градиме, не се откажуваме од објектот“, објаснува правната служба на Друштвото за економски консалтинг, услуги и трговија – Економско биро, сопственост на Стојменов, за „А1он“.
Првото самоуривање на објектот на местото на поранешната стоковна куќа Стојменов го направи пред четири години откако статичари, на негово барање, утврдиле дека потпокривот направен од метална конструкција пропушта вода и тече насекаде.
По уривањето Стојменов почна да гради нов објект, на местото на стариот, но со поголем габарит, повикувајќи се на одобрение за градење од 2016 година, а Општина Центар му издаде неколку решенија за уривање, неколкупати го запечати градилиштето, но и покрај тоа објектот излезе од темели, а пролетва беа изградени и столбови над земја.
И сегашното уривање Стојменов го пријавил во Општина Центар.
„Пред околу два месеца добивме известување дека инвеститорот сам ќе се урива“, велат од Општина Центар.
Општината не го урна изграденото и покрај многуте решенија за уривање. Последното објаснување за тоа што не уриваат од мај годинава беше дека нема да чепкаат на градилиштето сè додека не се изјасни Обвинителството. Истиот месец Обвинителството одлучи да го гони Стојменов за бесправно градење, а тој, пак, најави дека судењата ќе откријат афера како „Рекет“ и посочи дека зад блокадите на градилиштето стои поранешниот премиер Зоран Заев и дека му се вршел притисок хотелот да го продаде евтино.
Од правната служба на Стојменов велат дека ново одобрение за градење ќе бараат независно од постапките во Обвинителството и очекуваат дека токму тие постапки ќе покажат дали Стојменов бил во право.
Кривични пријави за бесправно градење и за искината пломба на градилиштето против Стојменов поднесе поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ. Во јуни годинава, пак, кривични против Богдановиќ и градежните инспектори од Општина Центар поднесе Стојменов. Од Обвинителството известија дека кривичните пријави од Стојменов се во предистражна постапка.