ВИДЕО: Стојменов изгуби, клевета е тврдењето дека Општината му побарала мито од милион евра за да гради кај „Беко“

Од:

Бизнисменот и поранешен министер за финансии, Борислав Стојменов, треба да ѝ исплати отштета од 120.000 денари на Општина Центар оти ја наклеветил со изјавата дека му барале мито од еден милион евра за да продолжи со градењето на хотелот на местото на поранешната стоковна куќа „Беко“. Изјавата за митото Стојменов ја даде во јули 2020 година кога на градилиштето, кое претходно беше запечатено оти нема дозвола за градење, се појави градежна инспекција со полиција бидејќи не се почитуваше забраната за градење. Основниот граѓански суд Скопје пресудата ја донел во октомври 2021 година, а во тек е жалбена постапка.

dobivaj vesti na viber


„Се утврдува граѓанска одговорност на тужениот Борислав Стојменов од Скопје со дадената изјава преку средство за јавно информирање, во кое било наведено дека ‘четири години со платени комуналии, сè платено, не може да градиме затоа што бараат милион евра мито, не им давам… Милион евра мито бараат од Општина Центар… Милион евра бараат мито за ние да работиме’. Се задолжува тужениот да му плати на тужителот паричен надомест на име нематеријална штета во износ од 120.000 денари“, стои во пресудата.

Бизнисменот Стојменов, кој ја обжалил ваквата пресуда, стои на ставот дека мито му било побарано, но не директно.

„Ние бараме одобрение за таа да биде изведувач кај нас, албанска фирма, и од таму ни велат вели: ние ако бидеме изведувачи, ќе ви дадеме и одобрение и наместо 27, ќе имате 28 или 29 метри висина. Тоа го кажуваат и го ставаат во цената. Цената тогаш беше некаде 75 евра за квадратен метар, а нивниот договор за изградба беше 150 евра. Значи, од 75 до 150 евра – тоа е еден милион. Има клевета. Но, сега тие поднесуваат кривична пријава. Српче си ја оствари целта. 120.000 денари. Но, сега имаме жалба. До тука е работава“, вели бизнисменот Стојменов.

Од Општината потврдија дека иако има пресуда, отштетата за клеветата за мито од милион евра не е уплатена на нивна сметка поради жалбата од Стојменов.

Стојменов се жали и за поништеното одобрение за доградба и надградба на хотелот издадено во 2016 година.

Додека ја чека одлуката од Управен суд, Обвинителството соопшти дека ќе го гони за бесправна градба по кривичните пријави поднесени од Општина Центар.

Според обвинението, Стојменов, почнувајќи од 2018 година, без правосилно одобрение за градење, како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата Даме Груев во Скопје. Добил одобрение за градење во 2016 година, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постојниот објект, хотелот „Плаза“ или поранешна стоковна куќа „Беко“, со ширина од 28,5 метри и должина од 42,5 метри. Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил одобрение за отстранување на постојниот објект, а кога го урнал, без да добие ново одобрение за градење, почнал да гради нов објект, со поголеми димензии, односно објект со димензии 61 на 34,5 метри и изградил две подземни нивоа.

Стојменов тврди дека она што е изградено не е дивоградба оти граделе по одобрението од 2016 година издадено од Општината, а изградиле само подрум.

„Се донесе одлука да градиме градежна јама, ние само тоа и сме го изградиле, градежната јама. Ајде на македонски да кажам, се градеше подрум“, објаснува Стојменов.

По обвинението за бесправно градење, тој најави дека судењата ќе откријат афера, како „Рекет“. Најави дека за овој случај на суд ќе мора да се појави поранешниот премиер Зоран Заев кого го обвини дека стои зад блокадите на неговото градилиште, а ќе се појават и поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Стојменов: Заев стои зад блокадата на градилиштето „Беко“, притисокот беше да го продадам евтино

Маја Илиевска-Пачемска

Обвинителство одлучи да го гони Стојменов за бесправно градење за „Беко“, тој најавува дека судењата ќе откријат афера како „Рекет“

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Борис Стојменов си ја крева дивоградбата кај „Беко“, за уривање сите чекаат на некој друг

Стојменов се скара со инспекторите кои му го затворија градилиштето во Центар

Кристијан Ландов