ВИДЕО: Борис Стојменов си ја крева дивоградбата кај „Беко“, за уривање сите чекаат на некој друг

Од:

Низата решенија за стопирање на градбата, за уривање и кривичните пријави за инвеститорот, бизнисмен и ексминистер за финансии, Борис Стојменов, не ја сопреа изградбата на новиот објект на местото на поранешниот хотел ТЦЦ „Плаза“ кај Полициската станица Беко во строгиот центар на Скопје, кој беше урнат и на истото место почна изградба на сосема нов објект. Општина Центар нема издадено одобрение за новиот објект, кој почна да се гради пред три години, па го води како дивоградба.

„А1он“ дојде до документацијата, која покажува дека неколкупати инспекцијата носела решенија за уривање, но Стојменов се жалел, па постапките се повторувале. Последната жалба од Стојменов била одбиена како неоснована во февруари минатата година.

Од Општина Центар за „А1он“ потврдија дека последната жалба е одбиена и дека сè што е изградено треба да се отстрани.

„И покрај затворањето на градилиштето, донесеното решение за отстранување, кое го потврди Државната комисија за одлучување во втор степен, и заклучокот за дозвола за извршување, инвеститорот продолжи со градба и тоа е констатирано со записници од страна на овластен градежен инспектор и тие се доставени до Основното јавно обвинителство“, велат од Општина Центар.

Според нив, уривањето не може да се случи пред Обвинителството да се изјасни.

Од Обвинителството за „А1он“ велат дека се изготвува јавнообвинителска одлука.

„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги анализира прибраните вербални и материјални докази. Предметот е во фаза на изготвување на јавнообвинителската одлука. Јавните обвинители активно постапуваат во сите предмети, па и во оние што се однесуваат на кривично дело – бесправно градење. Времетраењето на постапките е условено од обезбедување на сите неопходни докази за да се утврдат фактичката состојба и кривичната одговорност“, велат од Обвинителството.

Кривични пријави против Стојменов и неговата компанија за овој случај поднесе поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, од кои едната се однесува на бесправно градење, поднесена во 2020 година, а другата е за искинатата пломба на запечатеното градилиште за да продолжи изградбата на објектот од 2021 година.

Инвеститорот Стојменов, пак, сè уште е на ставот дека новиот објект не е дивоградба, а се повикува на одобрението за градење издадено во 2016 година и покрај решенијата од општинарите дека тоа одобрение се однесува на надградба и доградба на претходниот објект, кој е веќе урнат, а за новиот објект, кој е поголем, треба ново одобрение.

„Сè уште имаме правосилно одобрение за градење, кое не е поништено. Во моментот чекаме одлука од Управниот суд. Не постапуваме по решенијата на Општината за уривање на сè она што е досега изградено оти нашиот став е дека имаме важечко одобрение за градење“, велат од правната служба на Друштво за економски консалтинг, услуги и трговија – Економско биро ДОО Скопје сопственост на Борис Стојменов.

Тие поднеле документација и за измена на градба со цел да ги верификуваат уривањето и градењето наново, но за тоа одговор од Центар чекаат една и пол година, а во меѓувреме објаснуваат дека почнале да градат во согласност со идејниот проект за новиот објект.

Од Општината објаснија дека добиле барање за одобрување идеен проект како чекор до добивање и одобрение за градење, но го одбиле со објаснување дека не може да одобрат идејно решение за објект што е делумно изграден.

На градилиштето веќе се гради над земја. Столбовите, на чие место со месеци стрчеа метални шипки, сега се бетонирани и покрај тоа што градбата е стопирана и има решение за уривање. Раздвижено е за време на викендите. Во текот на работните денови околу градбата нема никој. Така се градеше и изминативе три години, главно за време на викенди, кога градежната инспекција на општина Центар не работи. Во важечкиот урбанистички план на локацијата на поранешниот хотел е предвидена осумкатница, односно деловна зграда со приземје, мезанин и шест ката.

Продолжува

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Шок за туристите на една на најголемите и најопасните плажи во светот

(ВИДЕО) Турна жена на плажа и одмаздата стигна брзo со скок и удар: Таа е моја сопруга

Предраг Петровиќ

Трагедија во Грција: Се удави шестгодишно дете, полицијата ги приведе родителите

ВИДЕО: Стојменов вторпат се самоурива кај „Беко“, ќе поднесе ново барање за градба

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Спасувачи претепале полски туристи на плажа во Бугарија

Орце Костов

ВИДЕО: Жена на плажа ја нападна фока, ја касна за раката и ја повлече во водата

Предраг Петровиќ