Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и нивните семејства се жртви на политички прогон, терор и одмазда. Решението со кое што им се изрекува притвор на Јанакиески и Божиновски е доказ дека во Македонија нема ни правда, ни правна држава. Во Македонија владее хунта која ги злоупотребува институциите што се политички нагазени од аболицираниот Зоран Заев, рече Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Двете решенија се доказ дека Македонија се враќа 70 години назад во 1949-та година. Без докази, без аргументи, без каква било желба да се проверат фактите судот изрекува притвори врз основа на службени белешки фингирани по желба на нарачателот. Не се проверува ни дали се веродостојни, ни колку се веродостојни. Доволно е да се нарача некој службена белешка и „Кацарска судството“ да стави некого во притвор или затвор. „Кацарска судството“ не го интересира тоа што е измислено дека на средбата кај Претседателот Иванов се зборувало за амнестија, а не го интересира ниту да провери и да потврди дека УБК измислила дека Јанакиески и Божиновски имале сметки во странство. Деманти за политичката конструкција на УБК пристигнаа уште веднаш и од страна на претседателот Иванов и од страна на политички прогонетите, рече Стоилковски.
Според него, двете копи/пејст политички решенија откриваат огромен скандал.
– Двете политички решенија се доказ дека се злоупотребува Управата за безбедност и контраразузнавање. Службената белешка покажува дека се следи претседателот Иванов и неговиот кабинет, а се следат и поединци кои биле таргетирани од криминогената и одродена власт. Кој ја издал наредбата УБК да го следи Претседателот Иванов и неговите активности? Какви се службени белешки има УБК собрано за работењето на Претседателот Иванов и какви конструкции подготвуваат? Кои се други лица се предмет на следење од страна на УБК и кој ги прави списоците на политички неподобните кои треба да бидат следени? За ваквата злоупотреба на институциите мора да има одговорност! И аболицираниот Заев и министерот за прогон и терор Спасовски тврдеа пред јавноста дека немале законска основа да го следат Никола Груевски, бидејќи судот не им дал наредба за тоа. Кој дал наредба да се следат Иванов, Јанакиески и Божиновски, рече Стоилковски.
Тој додаде дека Заев и Спасовски мора да поднесат одговорност и да си дадат оставки.
– Мора да овозможат институциите да се консолидираат и да почнат да работат според законот. Циркуските образложенија на Зоран Заев дека Никола Груевски бил киднапиран се уште едно потценување на граѓаните. Наместо да бара одговори од Унгарија, аболицираниот Заев и министерот за прогон и терор Спасовски треба да почнат да даваат одговори, да се извинат на македонската јавност и да си заминат. Никој не верува дека Никола Груевски бил киднапиран, но доколку Заев е убеден во ваквите измислици треба уште веднаш да си поднесе оставка заедно со Спасовски бидејќи дозволиле да се случи такво нешто, рече Стоилковски.