Поранешниот министер за правда и поранешен амбасадор, Ѓорѓи Спасов, вели дека и покрај непостигнатиот цензус, референдумот за ГТЦ покажа дека се зголемува бунтот на народот против владејачката структура. Според него овој бунт треба да се оснажнува затоа што, вели, политичката ситуација нема да се смени преку ноќ, туку преку истрајност.
– Убеден сум дека единствениот начин за да се направи нешто повеќе е истрајноста. Да не се надеваме дека ова ќе се смени преку ноќ. Секој обид за дестабилизација на ваков авторитарен режим треба да се смета како општ придонес. За мене референдумот имаше значаен импакт во демонстрирањето на политичката волја. Референдумот треба да се смета како облик на бунт, обид за политичка мобилизација на волјата на граѓаните против нешто што не им се допаѓа. Во таа смисла многу силен индикатор за бунтот кој се зголемува е доколку успеете да изнесете 18.000 граѓани да се потпишат против еден политички проект – вели Спасов.
Според него силата на тоталитарната власт во Македонија не е смалена, туку се повеќе се зголемува како што се засилуваат нападите против неа. А дека е нападната од различни страни, вели тој, говорат протестите на студентите, средношколците, новинарите, хонорарците и слободните синдикати.
– Власта располага со извонредна сила за самоодржливост. Уште од 2008 година играат на трите страва: перманентен страв од Албанците дека ќе бидат клучен фактор за дестабилизација во Македонија преку наводно се уште живата идеја за Голема Албанија, стравот од губење на идентитетот заради силата на Грција, и страв од комуњарите кои се вгнездени во сите институции и бараат политички пресврт. Тој тип на идеологија комбиниран со тоталитарна пропаганда, е се уште ефикасен во услови на силен монопол врз средствата за информирање – смета тој.
Маја Васева