По физичкиот напад од страна на вицепремиерот Пешевски, новинарот Саше Ивановски Политико ќе бара заштита од амбасадорите на САД и ЕУ во Македонија.
– Навистина се чувствувам загрозен, се плашам за мојата безбедност,особено по соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од вчера каде што велат секој онојшто си ја бара бељата ќе си добие казна, како да сакаат да кажат дека во иднина ќе се случуваат вакви настани, бидејќи кога еден министер може да си дозволи таква постапка во сред град и потоа да се правда дека “не му бил денот, лошо му тргнало на лева нога“ и да не поднесе оставка, па плус тој измисли напад пред три години во Битола и дека во континуитет е напаѓан и загрозен, рече Ивановски.
Тој рече дека е точно дека пред три години во Битола се сретнал со вицепремиерот Пешевски но, само го поздравил, бидејќи тогаш имал позитивно мислење за него како за добар бизнисмен и професионалец.
– Но, по снимките го сменив мислењето за него и навистина му поставувам тешки прашања. Така што сакам да демантирам дека пред три години сум го нападнал, напротив сум имал почит и насмевка за него, додаде Ивановски.
Тој потенцира дека и од снимката од настанот што се случи пред ресторанот „Пастел“ може да се види дека тој не го навредувал вицепремиерот Пешевски, не користел погрдни зборови, туку сакал да му постави прашање за новиот обвинител.
– Да не го гушнеше неговиот пријател, советник во владата, Пешевски е навистина голем човек и како што вели министерот Ставревски тој е еден „голем куп месо“, мислам ќе ме скршеше таму на улица. Тие се јавни личности, навистина мора да внимаваат што прават, тие не се вработеи во приватни компании. Тој е министер, вицепремиер, тој со милиони располага, десет години е на власт и секој може да му пријде и да му постави прашање на јавно место. Јас го почекав да си го испие кафето, не влегов во кафулето, го почекав десетина минути, тој си заврши и кога дојде на тротоар, на јавен простор, јас му пријдов и му го поставив прашањето, вели Ивановски.
Бркањето и тепањето е сигнал кон партиските војници и силеџии и тоа е пораката: ако вицепремиерот тепа ајде сега и вие кога ќе го видите – скршете го.
Ивановски нагласува дека се работи за јавна манифестација на сила, на моќ и власта треба да се загрижи и да одговара за ова што го прави.
-Ја с чувствувам голем страв бидејќи по нападот тој ме следеше со автомобилот и се уплашив кога го видов до мене, со отворен прозорец и ми вели- влези во кола. Што требаше да направам, тоа закана ли е, поткуп ли е, како можам да влезам во кола со човек кој сакаше да ме убие. Да следиш новинар со кола, тоа се мафијашки методи, вели тој.
Саше Политико ќе продолжи со своите прашања за криминали и злоупотреби кон високите функционери од власта бидејќи, како што вели, тоа народот сака да го слушне.
Тој им се заблагодари на колегите новинари што се собраа на протест пред Владата во знак на поддршка.