ВИДЕО: Само за сметка над 800 денари, може да се добие зејтин во „КАМ“

Од:

Иако имаат на залиха, масло за јадење од маркетите на „КAM“ може да се добие гратис само ако купувачите направат сметка над 800 денари. Ова е новина, поради која и Пазарна инспекција од попладнево е на терен. Според касиерките, во сите маркети, правилата за да се добие масло е иста. Инспекторите не знаеја, со образложение дека никој не пријавил кај нив. Но откако „А1он“ укажа што се случува, ти кажаа дека веднаш ќе излезат на терен. Од „КАМ“, нема одговори зошто сталажите каде вообичаено стои маслото за јадење стојат празни.

„Зејтин нема. Има само над сметка од 800 денари, следува гратис зејтин“, вели вработената, па на прашањето, дали може да се купи зејтин вели: „Не“.

Се консултираше и со колешка, која го потврди истото: „Зејтин да си купат не можат така?“, на што доби одговор: „Не“. На прашањето дали никаде не може да се купи, таа додаде: „Не“.

„А1он“ се обрати и до раководството на „КАМ“ маркетите преку мејл адресата оставена за контакт на нивната страница. Прашавме зошто се одлучиле масло за јадење да нудат само со сметка над 800 денари, како и зошто е повлечено од сталажите за продажба. Тие до моментот на објавување на текстот не одговорија. Изостана и став дали со ваквото однесување ги прекршуваат законите и прописите на Владата.

Акцијата дека гратис масло за јадење ќе се доделува за секој купувач кој ќе направи сметка над 800 денари, вчера осамна и на нивната страница на „Фејсбук“. Таму пишува дека акцијата трае се додека има залихи. Сепак, никаде не се напоменува дека повеќе не може да се купува масло за јадење, кое од сталажите беше повлечено.

Под објавата имаше и над 400 коментари. Дел се критички, дел позитивни, а има и шеги.

„Нема зејтин и да сакаш да купиш, жива превара се, само да се привлечат муштерии. Пс. може вечер некој ќе добие едно шише зејтин, ‘ако стигне пратката оти сега немаме’, „Точно е, даваат“, Вие немате зејтин за продавање, а не па гратис“, „Не е точно денес бевме во ‘КАМ’ маркет и имавме сметка над 800 денари и ништо не ни дадоа, дури немаше ни зејтин за продажба“, се дел од коментарите под објавата на „КАМ“.

Други пак, тераат мајтап: „Не си играјте со народот. Можеби е добронамерно, ама ќе се испотепаат“, „Се надевам ги имате известено 192 и 194 за акцијава, пошто некако ми мириса на стампедо и добар фајт (борба)“, „ На каса ќе биде: ‘стигна до осумстотини? Наплати, ај сега остатокот’“, „Браво!!!! Значи за сметка над 1600 следуваат 2 шишиња?“.

Од Пазарната инспекција, најавија дека ќе проверат што се случува во маркетите и ќе постапат согласно законските надлежности.

„Штом бидат завршени проверките, ќе ве известиме“, вели директорката Анета Симеска-Димоска за „А1он“.

Пазарните инспектори за два дена кај 33 трговски субјекти утврдиле непочитување на владината мерка за намалување на трговската маржа или не поседувале дневна евиденција за дел од производите. Сите заработиле парични казни од 60 до 7.000 евра во зависност од големината на фирмата. Откако мерките стапија во сила, направени биле 160 контроли.

Би можело да ве интересира

Ваучери за брак, слободен ден за роденден: Дефицитот од работници ги принуди фирмите да ги зголемат бонусите

A1on

Ќе се намалат цените на храната, а маркетите наместо 40 отсто ќе имаат рабат од 10 отсто

A1on

За власта луксуз е да јадеме риба и овесни снегулки, а мајонезот е поскап оти се грижи за нашето здравје

A1on

Трајковски: Пломба за сите трговци кои ги доведуваат потрошувачите во заблуда

А1он

Пешев: Маркетите немаа доволно време да се „престројат“, затворањето треба да биде последната мерка што ќе ја применат институциите

Поевтинуваат лебот, млекото и месото: Владата ги објави производите кои маркетите од утре ќе мора да ги намалат

A1on