Бизнисменот Иван Николов Сачевалиев, во сведочењето за случајот „Поткуп“ повтори дека во 2013 година, кога Зоран Заев беше градоначалник, знаел дека тој треба да откупи државно градежно земјиште и му се јавил за да дојде кај него за 15 минути во градоначалничкиот кабинет во Струмица. Му рекол дека може да го откупи земјиштето за 70 денари од квадратен метар, но дека ќе треба да плати плус три евра – едно евро за него, едно за СДСМ и едно евро за црквата.
„Јас го сослушав и му реков дека тоа се многу пари. Требаше да откупам 100.000 квадратни метри, за што ќе ми требаа 300.000 евра.Заев во исто време ми покажа и куп книги во кабинетот и ми рече дека сите тие предмети биле решени на ист начин“, сведочеше бизнисменот Сачавалиев. Тој додаде дека вечерта бил збунет и му рекол на Заев дека ќе размисли.
„Потоа размислив и одлучив на 19 декември да го пријавам во МВР, а оттаму ме однесоа во Обвинителството. Додека траеше тоа, се слушнавме уште неколку пати со него и ми ја симна понудата од 3 на 2 евра – едно за него и едно за црквата. Го прашав каде да ги уплатам парите? Ми рече моите и на црквата ќе ги уплатиш кај брат ми Вице“, вели сведокот Сачевалиев.
Обвинителката Валентина Бислимовска го праша сведокот од каде Заев знаел дека тој треба да откупи државно градежно земјиште. Сачевалиев рече дека тоа било при разгледувањето на деталните урбанистички планови, додавајќи дека повеќе пати се среќавале и се слушале со Заев и на скоро секоја од средбите, од Заев го добивал истиот услов за откуп. На предлог од неговиот син, дали наместо евро за црквата да дадат градежни материјали за нејзината изградба, сведокот рече дека Заев тоа го одбил.
Судот одлучи по барање на Обвинителството да ја почека правосилноста на одлуката за јавно прикажување во судницата на ПИ мерките од кабинетот на Заев.
Во кривичниот суд денеска сведочи бизнисменот Иван Николов Сачевалиев во предметот„Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев. Исто така, во судницата ќе биде пуштена снимката во која Заев наводно договара поткуп, а која е доказ против него. Сачевалиев не се појавуваше на досегашните судски рочишта за предметот, а на последното судијата рече дека успеале телефонски да го добијат за да дојде на судењето. Судот го прифати барањето на Зоран Заев и на неговите адвокати снимките за „Поткуп“ обезбедени како посебни истражни мерки да бидат изведени во присуство на јавноста. Заев рече дека побарал јавноста да биде присутна поради фактот дека е премиер и претседател на најголемата политичка партија, со цел да врати дел од загубените чест и углед во јавноста што му биле нарушени со нивното делумно објавување.
В. Маглешов