Ефикасно справување со тероризмот и сите негови појавни форми и облици може да се постигне единствено со преземање превентивни мерки и активности. Тоа е основата на новата Национална стратегија за справување со насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам, преку која државата и општеството треба да градат своите капацитети за справување со реалните закани од тероризам.
Тоа го посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето пред учесниците на втората Меѓународна конференција за безбедност на тема „Справување со предизвици од растечкиот верски екстремизам: менаџирање и преговори во кризни ситуации предизвикани од верски екстремисти“, што во организација на Канцеларијата на ОБСЕ во Македонија се одржува во Охрид.
– Голем број држави во светот меѓу кои и Македонија се соочуваат со современи ризици и опасности кои настојуваат да ја загрозат безбедноста и стабилноста на државите, но и да го попречат нивниот демократски развој и нормалното функционирање. Македонија во континуитет е изложена на асиметрични закани кои произлегуваат од зачестеното манифестирање на етничка нетрпеливост, верска нетолеранција и екстремизам кои создаваат погодно тло за радикализација која може да доведе до тероризам, рече Спасовски, притоа забележувајќи дека постоењето одреден број лица од државата кои биле на боиштата низ светот секако укажуваат на потребата од серизен пристап кон проблематиката на современиот светски тероризам.
Како мерки инкорпорирани во Националната стратегија за борба против тероризамот (2015-2020) се посочени мерки за идентификација на сите фактори кои водат кон радикализација, политика на проактивно делување наспроти репресивни мерки, постојано развивање и надградба на нормативната и инситуционалната инфраструктура и активности на сите општествени чинители во насока на спроведување конкретни проекти за дерадикализација на веќе радикализирани субјекти односно ресоцијализација на поранешни терористи.
Нина Суомалаинен од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека еден од приоритетите на организацијата што ја претставува е активна поддршка на соработката и координацијата на сите субјекти вклучени во борбата против тероризмот како светски феномен.
– Изнаоѓањето решение за проблемот бара интердисциплинарен пристап, интензивна засилена комуникација и соработка меѓу безбедносните институции и државите од регионот во целина. Проблемот е голем актуелните случувања во Европа само покажуваат дека и регионот не смее да се третира изолирано, рече таа.
Последните податоци со кои располагаат институциите во земјата покажуваат дека на боиштата на Блискиот Исток активно се вклучиле околу 150 државјани на Република Македонија, од кои шеесеттина се вратиле во земјата.
Универзитетскиот професор Злате Димовски како особено загрижувачки го посочи податокот што меѓу борците во воените конфликти се почести се случаите на вклучување жени и деца.
– Практиките во светот каде радикализмот веќе од поодамна активно се третира како безбедносна закана укажуваат на потребата од развивање форми и методи за изградба на сопствен систем за препознавање на потенцијалните борци и истовремено изнајдување модус за нивно одвраќање од таквите намери…Присуството на се поголем број жени и деца меѓу нив само ја потврдува реалната опасност што ја претставува индоктринацијата како форма за врбување млади лица, истакна тој.
Државите од регионот учеснички на конференцијата во Охрид согласни за потребата од разработка на заеднички концепт за рана детекција и откривање на сите причини, чинители и погодности кои придонесуваат за терористички активности.