(ВИДЕО) Рашковски – струмичанецот од доверба цврсто врзан за премиерот Заев

Од:

Со потекло од Струмица, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, доаѓа на оваа позиција по предлог на премиерот Зоран Заев, како човек од доверба. Се претпоставува дека пријателството меѓу нив е долго, можат да се видат на заеднички дружби, особено што потекнуваат од ист град.

Тој функцијата ја презема во јуни 2017 година и првите настапи пред јавноста му се самоуверени, повикува на бескомпромисна борба против корупцијата, отвора афери против поранешната власт, ги повикува новинарите да истражуваат повеќе, гордо се слика во подрумите на Владата откако таму беше исчистен целиот смет што го оставила претходната власт, како симболика дека новата власт ќе расчистува со криминалот и корупцијата.

„Генерален секретар на Влада е одговорна функција. Двигател на владината служба. Секоја ваша идеја е добредојдена. Генералниот секретаријат на влада и по службена должност треба, но и затоа што му требаат, ќе ги прима Вашите идеи. Владата е на сите. Да ја направиме општо добро“, напиша Рашковски на својот Фејсбук профил откако дојде на функцијата.

Појавувањето на Рашковски на прес-конференции и неговата транспарентност, сепак, завршија тука, многу кратко откако дојде на функцијата, а веднаш откако во јавноста почнаа да се отвораат скандали.

Последниот, оној кој најсилно одекна во јавноста, е вчерашниот – кога тој на едночасовната прес-конференција се бранеше и „извинуваше до небо“, откако во јавноста протече аудио снимка во која се тврди дека тој е вклучен во нелегегални активности врзани за тендер на италијанската фирма „Леонардо“ за опрема за модернизација на М-НАВ. Рашковски најави тужби против сè што мрда – политичари и новинари, а неговиот однос кон присутните новинари беше најблаго кажано, непримерен, а дополнително најави дека нема намера да поднесе оставка.

Заев денеска жестоко го бранеше својот долгогодишен пријател за кој рече дека нема ниту да го разреши, ниту пак дека видел нешто непримерно во неговото однесување.

Слично беше и со претходните афери кои се отворија за него во последниве две години – власта ги пикаше под тепих, суптилно чистејќи ја правта, но Рашковски никогаш не беше посочен со прст како човек кој е можно да ја злоупотребил функцијата.

Пријатели и соработници по струмичка линија: Зоран Заев и Драги Рашковски

Па така, мајката на неговата сопруга беше именувана на две позиции откако СДСМ дојде на власт – како претседател на комисија во Централниот регистар и член на УО на ЈП за берзанско работење „Агро берза“. Потоа Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) на емисијата „Проверено“ обелодени дека неговиот близок пријател од студентските денови на кој Рашковски му е кум, Дејан Костиќ, го ангажирал да биде правен застапник на повеќе владини институции. Ова адвокатско друштво, според документите од Централниот регистар, било основано веднаш по формирањето на новата Влада на Заев. И тогаш власта го правдаше својот генерален секретар – дека Рашковски не бил во роднински врски со неговиот кум, но подоцна договорот со Костиќ сепак беше раскинат, а мајката на неговата сопруга се повлече од позициите. Но, наместо тоа, тој за негов посебен советник ја назначи сопругата на неговиот кум, Дејан Костиќ, која се јавила како единствен кандидат на огласот.

Скандалите не завршија тука. Минатата година, Димитар Апасиев од „Левица“ побара Рашковски да поднесе оставка од морални причини затоа што лажел дека има два доктората.

„Доколку самиот не го стори тоа, премиерот треба да го разреши,  затоа што овој лажен податок го навел во официјалната биографија,  што не е дозволиво за  јавен функционер. Имено, од јавно објавениот билтен на УКИМ, се гледа дека Рашковски во моментот на избор на функцијата немал ниту објавена одлука за прифатена тема за докторска дисертација, што е иницијална фаза за докторирање, а камоли одбранет докторат!? “, рече Апасиев.

На овие обвинувања, Рашковски кратко се огласи за медиумите:

„Тоа е приватна работа. Барем не ги оспорува 3-ти магистратури и 1 докторат и 8 патенти и нека ја оспори утрешната награда Амбасадор на знењето од Словенија. Само да не го оспори сребрениот медал и златната статуетка од светскиот саем за иновации“ , рече тој.

Новинарите често го обвинуваа дека е нетранспарентен и некоректен, што само се потврди на неговата последна прес-конференција.

Тој на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од 2014 година е доцент на научната област воведни и теоретско-правни науки (право и информатичка технологија). Од 2011 до 2014 година бил  асистент на научната област воведни и теоретско-правни науки, а претходно бил помлад асистент. Тој е иноватор и автор на бројни научни трудови и универзитетски учебници, но сепак, како генерален секретар во Владата засега во јавноста не може да се пофали со бројни достигнувања.

Би можело да ве интересира

Укинат куќниот притвор за Драги Рашковски

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

Орце Костов

Осуден во „Софтвери“ ја запроси девојката во судница: „Прекрасен момент, нека ви е со среќа“, им честиташе судијката

Орце Костов

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Одбраната на Рашковски побара ослободителна пресуда за случајот „Софтвери“