(ВИДЕО) Рашковски добил понуда за бугарска помош, па бил пуштен од затвор: Премиерот помага, ќе биде добро

Од:

Драги Рашковски е пуштен од затворот „Скопје“ во Шутка во домашен притвор, откако помош за неговиот случај била понудена од Бугарија. За да му се помогне на Рашковски, разговарал Игор Христов, осомничен во случајот „Софтвери“ каде се гони ексгенералниот секретар. Обвинителката Ивана Трајчева презентираше пораки разменети 16 дена откако Кривичниот совет реши дека Рашковски може да влијае на сведоци, па затоа го смести во ефективен притвор. Во нив соговорникот на Христов од Бугарија најпрво прашува кој го води случајот, нуди помош и разговори на разни нивоа. Во оваа комуникација вели „Премиерот не може да помогне“.

Следниот пат, кога тие разменуваат нови пораки, Рашковски веќе добива решение од Апелација и судијката Тања Милева, за да оди повторно во куќен притвор наместо да биде во затворот во Шутка. Во оваа комуникација се вели: „Премиерот помага, ќе биде добро“.

Името на соговорникот е непознато, а во телефонот од кои е извлечена комуникацијата е запишан како „БМВ М-Пакет Бугарија“. Следнава комуникација е водена на 07.мај лани, кога Рашковски беше во притвор во затворот „Скопје“.

„Како сте? Како е Драги? Му пишав за роденден но не одговори. Добро ли е?“, стои во првата порака пратена од Бугарија, на што обвинетиот Христов враќа: „Па не знам. Не сум го слушнал. Викаат бил добро“.

„Во затвор ли, зошто? Јави ми се утре да разговараме. Игор многу ми е жал. Ако можам од Бугарија да помогнам, на било кое ниво“, се вели во втората презентирана порака, а Христов враќа:  „Тешко е, сепак фала. Политичари“. Соговорникот од Бугарија додава: „Кажи ми и ќе прашам“, а Христов враќа: „Нема како да помогнеш“.

„И кај нас не е добро ама можам да прашам. Тој е добар човек“, стои во следната порака која се испраќа до Христов, а на која одговара: „Освен да го тргнете ветото и да го пуштат“. Од бугарскиот број се враќа: „Остави го ветото“.

Христов му посочува на соговорникот:  „Нема како да помогнеш. Премиерот не може“, а во следна порака додава: „Го наместија“. Соговорникот од Бугарија му посочува: „Многу ми е жал. Но вистината ќе излезе, секој си ги сноси последиците. Јас знам дека тој е добар човек.

Бугарскиот соговорник повторно нуди помош за Рашковски: „Види што му треба да знам каде да зборувам“, а Христов враќа: „Епа истражителите“, по што соговорникот прашува: „Тој човек ми влеа голема доверба. Од кого се водени?“, Христов одговара: „Обвинител…. “, па соговорникот вели:  „Ужас… Кај нас е хаос, но можам да притиснам. Има некој“, на што Христов враќа: „Пробај иако е тешко“.

Од бугарскиот број, Христов добива порака: „Посочи ми каде точно“, на која одговара: „Е па како да те насочам кај Вилма треба“.

По ова, имало договор да се слушнат и телефонски.

Во меѓу периодот, до вториот презентиран разговор, Рашковски добива поблага мерка за обезбедување присуство односно е пуштен од затворот во куќен притвор. Решението беше донесено од Апелација, а потпишано од судијката Тања Милевска.

„Здраво Игор. Што се случува со Драги? Добар ли е?“, прашува соговорникот од Бугарија, на што Христов одговара: „Да. Добро е“. Следува и ново прашање: „Излезе ли?“, а Христов одговара: „Во домашен притвор е“. Соговорникот констатира: „А тоа добро е“, на што Христов враќа: „Па подобро е. Му кажав дека праша“.

Лицето од Бугарија сака и да исконтактира со Рашковски: „Како може да го слушнам? Може ли?“, а Христов му одговара: „Не може. Рече ќе ти се јави да помине ова“. На ова, тој возвраќа: „Не разбрав“, а Христов повторува: „Тој ќе ти се јави кога ќе може“.

По ова, Христов го запознава соговорникот дека и тој е осомничен во случајот.

„Ти како си?“, прашува лицето со бугарски број, а Христов одговара: „Добро“. Соговорникот додава: „Се ли е во ред?“, а Христов враќа: „И јас сум под мерки“. Соговорникот вели: „Оффф“, а Христов дообјаснува: „Осомничен“.

 

На ова, бугарскиот соговорник му вели на Христов: „Премиерот не може да помогне….“, а обвинетиот враќа: „Помага. Ќе биде добро“, Од бугарскиот број добива нова порака: „Да јасно. Ќе ми биде драго да се видиме. Тоа сега и никој не може да оди во нив“, а Христов кажува дека нема пасош, на што од бугарскиот број добива нова порака: „Да, разбрав. Ви посакувам наскоро да заврши се тоа и секој да си го добие заслуженото“. Христов враќа: „Ти благодарам пријател“, а од бугарскиот број добива нова порака: „Се ќе биде во ред“.

Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот. Во прилог на ова, Обвинителството вели дека Рашковски дал и насоки како да се изготви техничката спецификација на јавната набавка.

„Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој  дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300,00 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран,  фактурата во рок од седум дена била исплатена“, велат од Обвинителството за постапката.

Би можело да ве интересира

Осум години затвор за перење пари, местење тендери за Рашковски – Пресуда за „Софтвери“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Пресуда за случајот „Софтвери“ на 6 јули

Ана Ололовска

Завршни зборови за „Софтвери“ во Кривичен

Обвинителството даде завршни зборови во предметот „Софтвери“

Ана Ололовска

Со изведување докази од одбраната продолжува судењето за случајот „Софтвери”