Притворениот Драги Рашковски кој месец дена издржува казна во затворот „Скопје“ во Шутка, оди во куќен притвор, одлучи Апелацискиот суд во Скопје, потврдуваат оттаму за „А1он“. Одлуката е донесена на денешната седница, а воопшто не е разгледувана гаранцијата која ја понудил Рашковски од скоро половина милион евра, бидејќи така е предвидено со Законот за кривична постапка, согласно основите за кои му е одреден притворот. Според информациите, Вишото јавно обвинителство се одлучило исто така да даде согласност за поблага мерка за Рашковски, а со тоа да даде согласност до Апелација.
За гаранцијата не е одлучувано бидејќи Рашковски барал да се брани од слобода, но сепак, и натаму постои шанса да уништува траги, па така, судот одлучил дека со куќен притвор не постои само можноста да бега или да се крие.
Рашковски е во притвор од крајот на месец април, кога Кривичен совет, по барање на јавниот обвинител Ивана Трајчева, ја преиначи одлуката и од куќен пртивор го спроведе во затворот во „Шутка“. Заедно со него, во затворот беше спроведен и сопственикот на „Инвока груп“, фирма од која биле набавувани софтвери во спрона постапка според тврдењата на Обвинителството.
Како што објави „А1он“, pатувањето во Мексико на ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, беше една од причините поради која обвинителката Ивана Трајчева, се сомневаше дека тој може да избега. Втората причина поради која беше побаран ефективен притвор е влијанието врз сведоци, за што, Трајчева тврди дека Рашковски веќе се обидел да го направи тоа. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, веќе поднесоа и жалба на одлуката за куќен притвор, но до овој момент, нема одлука од Кривичниот совет. „А1он“ дознава дека иако Рашковски го променил и телефонскиот уред, сепак, Обвинителството преку друг вид на комуникација обезбедило докази преку кои се гледа неговото посочување како да биде креиран тендерот.
Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот.