Ексгенералниот секретар на Владата Драги Рашковски обвинет за незаконско тендерирање и набавка на софтвер, како и исплата на хонорари од кои земал за себе, нема одговори на прашањата поради кои е во судница. Единствено реши да обвини за селективност. Тој беше прашан дали и натаму семејството Рашковски го управуваат возилото „Волво“ сопственост на фирмата „Г. Б. Ц. системи“ од која фирмите кои добивале тендери набавувале софтвери, кабини, камери.
„Читајте убаво, гледајте, следете, немојте селективно да давате ваши коментари и така, благодарам“, кажа Рашковски.
Од обвинетиот беше побаран и одговор колку пари се заработуваат од мекици, откако лани, тој самиот кажа дека од таму потекнува заштедата на неговите деца. Немаше одговор ниту дали софтверот работи. Молчеше и на обвинувањата од вештакот дека софтверот не може ниту да се вклучи.
Единствена реакција имаше кога му беше посочено дека обвинува за селективност, а молчи на прашањата и рече: „Ви благодарам многу“.
На укажувањето дека тој со молкот е селективен, иако му се дава шанса да даде одговори и свој став за прашањата, тој рече: „Убав ден, фала ви“.
Обвинителката Ивана Трајчева, по судењето во изјава за медиумите посочи дека финансиското вештачење го дало одговорот на прашањето дали Рашковски навистина заработил пари од мекици и од таму потекнува заштедата на неговите деца.