Пред новогодишните и божикните празници Бит-пазар е преплавен со пиротехнички средства. Иако противзаконски, петарди и ракети од разен калибар се наоѓаат на тезгите. Нивната цена зависи од габаритноста, а се движат од 100 денари за пакување до 1000 денари за ракетно-пиротехничко средство. Една петарда е три денари, а попустот за купена цела кутија e 100 денари со 100 петарди, цена пристапна за сечиј џеб. Покрај забраната, пиротехничките средства се достапни за сите, па дури и на малолетници. Тезгаџиите не сакаа да говорат пред камера, ниту, пак, дозволија снимање. Увозот на пиротехнички средства и нивната продажба која не е во согласност со законот е казнива. Но, законот не важи за сите. Продавачите немаат декларација за составот, па во нив може да има високоексплозивни средства кои може да доведат и до хируршки интервенции. Според Кривичниот законик, недозволеното тргување со распрскувачки материи може да се казни со затвор од три до десет години. Екипата на „А1он“, на Бит-пазар забележа и полициски службеници од МВР, но тие само немо поминаа покрај нелегалните препродавачи на пиротехнички средства. Од друга страна, Министерството апелираше граѓаните да се воздржат од употреба на петарди заради опасностите што по безбедноста тоа и по животот на граѓаните кои ги носи употребата на овие средства.
„МВР континуирано презема мерки за пронаоѓање и одземање петарди и други пиротехнички средства и санкционирање на прекршителите на законот. СВР Велес изврши претреси во домови на лица во Росоман и во четири патнички возила во Кавадарци. Притоа, била пронајдена поголема количина петарди и друг разновиден пиротехнички материјал. Возилата и пиротехничките средства биле одземени од сопствениците, а по целосно документирање на случаите против сопствениците ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Исто така, во Тетово биле приведени две лица кои продавале пиротехнички средства на импровизирани тезги на градскиот плоштад“, велат од МВР за „А1он“.
Купувањето и активирањето петарди или пиротехнички средства на јавни места, на улица, но и во дворови, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра. Но, ова и натаму е секојдневна пракса. Најчесто, петардите се употребувани од малолетници. За време на празниците, на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и на Ургентниот центар по десетина деца завршуваат со повреди на рацете и лицето предизвикани од неправилна употреба на пиротехнички средства. Изгореници, контузии па дури и ампутации. Според законот, и родителите на малолетници што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра доколку нивните деца активираат петарди. Петардите беа причина број еден за посетите во Ургентниот центар на првиот ден од минатата нова година. Пред неполна недела, со петарда беше повредено и куче на кое од страна на малолетници му била ставена петарда во уста, а потоа активирана.
Пред четири години полицијата се обиде да спроведе акција за да ја спречи илегалната продажба на пиротехника на Бит-пазар, при што беа спречени, а еден полицаец беше повреден. Согласно со статистиката, секоја година од употреба на петарди и други пиротехнички средства во светот 150 000 лица остануваат трајни инвалиди. 80% од нив се деца, а 4 од 10 повредени деца се на возраст под 15 години.
К. Ландов