Претседателот Стево Пендаровски, денеска во своето обраќање во Собранието рече дека во демократијата не постои политичар за кого нема и добри и лоши критики и нагласувајќи дека во неговиот мандат бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки, тој истакна дека секогаш во прв план му биле интересите на граѓаните и на државата, а пред нив секогаш бил транспарентен и од одговорност никогаш не избегал.
„Дали при носењето на некои одлуки сум можел да постапам поинаку – сигурно! Дали сум бил безгрешен – апсолутно не. Меѓутоа, никогаш не сум имал лоша намера кон никого, никогаш во мојот мандат не сум учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бев поштеден, ниту јас, ниту моето семејство, никогаш не договарав тендери и провизии, не вработував роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските немам побарано посебен третман. Како за сите, така и за мене“, нагласи претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека во неговиот мандат се трудел да биде достапен за секој граѓанин, да ги чуе нивните маки, а секаде каде што можел да помогне – помагал, некој пат и неформално, убедувајќи се со оние кои биле формално надлежни да им помогнат на луѓето.
„Сметав дека е моја морална обврска да ги застапувам ставовите на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите, заборавените од системот чиј глас не допира до институциите. И од тој аспект, мојата совест е мирна“, рече претседателот Пендаровски во македонското Собрание.
Претседателот Стево Пендаровски говорејќи за уставните промени порача дека поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза.
„Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на емигратска Македонија – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди “одлично” си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас“, рече претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека крајно неодговорно е да се игра со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да се печалат ситни политички поени. Претседателот истакна дека доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да се оди за да се стигне до Унијата, тој не познава некој кој е подготвен да чекори по тој пат.
Претседателот Пендаровски посочи дека во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник и порача дека е крајно време да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.
„Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето во македонското Собрание.
Претседателот Стево Пендаровски, денеска во своето обраќање во Собранието на Република Северна Македонија, рече дека со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем, а како причина за тоа ја посочи спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата.
„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува“, нагласи претседателот Пендаровски.
Тој посочи дека процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а малубројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретен временски период, при што, речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата, особено по промените на власта на централно или локално ниво.
„Тука, сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколку пати: веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секого, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка“, порача претседателот Пендаровски во обраќањето пред народните пратеници.
Претседателот Стево Пендаровски, денеска во своето обраќање во Собранието посочи дека крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија и рече дека преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминативе 32 години.
„Требаше секој од нас, а посебно ние политичарите, многу почесто и погласно да зборуваме против овие појави, наместо да веруваме во моќта на нашиот демократски систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми. За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор“, констатираше претседателот Пендаровски.
Претседателот истакна дека механизмите на правната држава едноставно мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација и порача дека мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет.
„Со други зборови, државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.