Пандемијата покажа колку сме ранливи како луѓе. Истовремено разоткри и многу системски слабости што се извор на социјална нееднаквост и неправда. Не е утеха што овие слабости се покажаа и на многу други места во светот, не само кај нас. Но, во сета таа болка и страв низ кои поминавме, имавме и причини за надеж. Таа надеж ни ја даваа нашите херои, здравствените работници, кои секојдневно, пожртвувано се борат за здравјето и животот на секој пациент, дури и на новогодишната ноќ – вели претседателот Стево Пендаровски во празничното обраќање до нацијата.
„Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови. Ќе можеме да бидеме заедно, без страв. Но, и тогаш не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции. Мора да сме системски подготвени за следната криза, мора да ја закрепнеме економијата, да ја искорениме неправдата, да ги надминеме поделбите, да ги залечиме овие рани. Сите ние заслужуваме многу повеќе радост и среќа“ – вели Пендаровски.