Од хаосот кој се случуваше низ училишните ходници, очигледно не само учениците, туку и наставниците му се исплашиле на екстерното тестирање. Сепак, околу осумстотини ученици од двете основни училишта во Неготино, денеска полагаа тестови по математика и граѓанско образование.
Директорката на ОУ „Гоце Делчев“, Весна Јованова, вели дека за подготовките за овие тестирања и цела вечер не спиела, но дека трудот се исплаќа, па денеска само неколку од учениците предвидени за тестирање биле отсутни.
Директорката, пак, на ОУ „Страшо Пинџур“, нагласува дека денеска сѐ поминало во најдобар ред и дека само деветина ученици се отсутни денешното екстерно тестирање.
– Јас и наставниците досега сме задоволни од присуството, а мислам дека и наредните денови ќе остане така.
И покрај протестите на учениците, оценката која ќе ја добијат од екстерниот тест ќе биде впишана во свидетелството и ќе влијае на вкупниот успех на ученикот. Притоа, наставниците и професорите чија оценка има големи отстапувања од онаа која ученикот ја добил на тестот, ќе добијат помала плта.
Елена Данева