Не е важно на кој датум ќе бидат изборите, туку правната држава и тоа е веќе сосема јасно. ВМРО – ДПМНЕ може да злоупотребува, но оваа партија веќе не ја диктира агендата на политичките настани во државата, оцени Сашо Ордановски на денешната втора јавна дебата на тема “10 години заробена држава (2006 – 2016)”, во организација на Транспарентност Македонија.
– Темата во Македонија веќе не се изборите, туку правната држава и мислам дека на секој паметен му е јасно дека изборите се второстепени, се турка таа тема од страна на власта. Гледам дека странците се обидуваат да направат барем една институција од која ќе тргне институционалната реконструкција на општеството. И мислам дека датумот 5 јуни станува неважен како растат проблемите со комплетно и детално окупиран систем, рече Сашо Ордановски.
Според него ВМРО – ДПМНЕ нема мнозинство во парламентот бидејќи односите со коалициониот партнер се комплицирани и не може да ги спроведе ветувањата.
– На крај, доколку не успееме да консолидираме избирачки список, а јас не знам како ќе се успее во тоа за неколку недели. Јас ви велам дека на крајот ВМРО ќе се изненади, тие може да не разговараат за медиумите, така и за други работи, па на крајот ќе седнат да разговараат, а не е исклучено да се случат работи и без нивен разговор. Тие немаат мнозинство во праламентот за да можат да ја диктираат политичката агенда, рече Ордановски.
Во Македонија степенот на корупција е на највисоко ниво. Во последниве 10 години бројот на корупциските скандали и афери постојано се зголемуваше:
Скапите изборни кампањи се плаќаат со сомнителни пари, а заради тоа што институциите се заробени од владејачката партија, тие финасиски малверзации се повторувале во изборните циклуси, беше речено на дебатата.
Суад Мисини рече дека заробувањето на државата од страна на владејачките партии се одвиваше во три фази:
– Стартот беше со заробувањето и особено корумпирањето на медиумите заради потребата од креирање на атмосфера во општеството за тоа кој тоа гради, се грижи за идните поколенија, за сегашноста на пензионерите итн. Кога ќе го заробите јавното мислење преку корумпирање на медиумите, вториот чекор генерирањето на пари низ процедури кои што го истоштуваат буџетот и институции кои тоа не го санкционираат. Третиот стадиум е кога го менувате законодавството и нелегално постапки и процедури стануваат, како што веле сите “се според Устав и закон“ и така е комплетиран процесот на заробување на државата. Овој процес оди паралелно со гонење на сите оние кои имаат да кажат или докажат нешто спротивно на тоа, рече Мисини.
Тој објасни како се переле пари и се извршила масовна финансиска злоупотреба и како над 700 000 евра се внесени незаконски на сметката на ВМРО – ДПМНЕ во 2014 година. Според Мисини, измените што се направени во изборниот закон отвориле можност за масовни злоупотреби.
А.Б.