Евроскептицизмот во Македонија се’ повеќе зема замав, а дебатата за влезот во Европската унија треба да се сведе на што пониско ниво за обичните граѓани да сфатат кои се предностите што ги нуди влезот европското семејство, се вели во студијата „Старо купувам – Новата европска приказна за Македонија“, што ја подготви Македонскиот центар за европско образование.
Според политичкиот аналитичар Сашо Ордановски, колку повеќе Македонија се оддачелува од Европската унија, толку повеќе се приближува кон распади и политички турбуленции, а доказ за тоа се немирите кои се случија минатата недела.
Анализирајќи го говорот на премиерот Груевски од изборната програма во 2006- та година, тој вели дека Македонија по негово 8 – годишно владеење, никогаш не била повеќе разединета од 1904 – та година наваму. Во однос на економскиот напредок, тој смета дека Македонија нема економски напредок и дека државата никгаш не била подалеку од идејата за патот кон ЕУ и НАТО.
– Суштината на анализата покажува дека не се работи за искреноста на ВМРО – ДПМНЕ, туку за специфично разбирање за тоа што е европска интеграција наспроти суверитенитетот. ВМРО – ДПМНЕ има еден класично десничарско – популистичко разбирање за суверенитетот, а за нив тоа претставува народот, наспроти кај СДСМ – каде за нив тоа се граѓаните.
Народот е централниот дел со кој се занимава популизмот, а идентитескиот склоп кој се врти околу народот секогаш се занимава со митолошки проблеми, со историја, со историски теми, со религиозни прашања и семејство.
Тој тип на вредности бараат статус кво. Тие не успеваат да ја модернизираат агендата во политичка смисла. Граѓанскиот концепт пак се занимава со мобилност, толеранција, интегрирање и во принцип тој во својот капацитет тој се занимава со иднината. Статистичките податоци покажуваат дека за првиот концепт стојат исклучиво Македонци, понеобразовани и постари по возраст и членови на ВМРО – ДПМНЕ. Од другата опција, се работи за млади луѓе до 30 години, повеќе Албанци и припадници на СДСМ . Тоа е судирот кој денес се одвива во Македонија – изјави Ордановски.
За Ордановски, со девизата „Македонија сака да влезе во ЕУ, но под наши услови“ – државата никогаш нема да стане членка на европското семејство. Според него, самиот однос на ЕУ покажува незаинтересираност кон Македонија, а тоа и оди во пролог на владата на Груевски.
Бојан Маричиќ од МЦЕО ги презентираше резултатите од анализата на дискурсот на пораките на политичките партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ поврзани со европските интеграции од нивните изборни програми од 1990 – 2014 година. Според употребата на пораките, како што вели Маричиќ, може да се идентификуваат три типа дискурс на европските интеграции и тоа дискурс на вредности, дискурс на придобивки за граѓаните и дискурс на реформи. Според истражувањето на програмите на ВМРО – ДПМНЕ, на парламентарните избори во 2006 година, партијата направила комплетна трансформација на својата политичка доктрина и стратегија во односите со јавноста за разлика од претходно. Во оваа програма, како што се вели во студијата, ВМРО – ДПМНЕ ја прикажува припадноста на Македонија кој Евроспската унија, а членството во ЕУ како единствена алтернатива. Од 2008- та година, пак, се случува пресврт во политичкиот дискурс што ВМРО – ДПМНЕ го промовира, каде постојано се спомува проблемот со името со Грција.
– Во изборната програма за предвремените парламентарни избори од 2014 – та година, ВМРО – ДПМНЕ немаше голема промена во севкупниот дискрс, а европските интеграции во однос на програмата од 2011- та година. Интеграцијата во ЕУ и НАТО останува да биде меѓу главните стратешки приоритети на партијата. Сепак, главната одредница во програмата на ВМРО – ДПМНЕ останува неправедноста кон Македонија во однос на спорот со името со Грција, и по пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која била во корист на Македонија – пишува во студијата.
Споредбено со СДСМ, во нивните изборни програми во 2011 – та и 2014 – та година, членството во европското семејство се наоѓа во фокусот, а политичкиот дискурс покажува дека европските интеграции се внатрешна политика на државата.
– Кога одредена партија е во опозиција повеќе го користи дискурсот на конструирани вредности и стандарди кои треба да се постигнат, со цел да се укаже дека пристапувањето кон ЕУ како политичка промена на државата, односно се повикуваат на европските вредности. Додека кога се на власт, се иззема овој момент, а партиите се фокусираат на формалните аспекти од европеизацијаа и користат бирократски вокабулар да ги прикажат успесите – изјави Маричиќ.
На конференцијата беа презентирани податоците од две анкетни истражувања на МЦЕО и Барометар во врска со ставот на граѓаните за влезот во ЕУ. Анкетата на МЦЕО покажува дека 62 насто од граѓаните се согласуваат со тврдењето дека членството на Македонија во ЕУ и НАТО би била добра работа, што претставува приближно ист процент како анкетата на Барометар. Речиси 18 насто се неутрални во однос на прашањето, наспроти 28% од испитаниците од последниот Евробарометар кои сметале дека членството на Македонија во ЕУ би било ниту добра ниту лоша. Конечно, 20% од испитаниците од анкетното истражување на МЦЕО не се согласуваат со тврдењето „Генерално, членството на Македонија во ЕУ би било добра работа“, наспроти 18% од последниот Евробарометар кои сметале дека членството на Македонија во ЕУ би било лоша работа.
Според социодемографските карактеристики на испитаниците, огромното мнозинство од Албанците, односно 91 насто, испитаниците со завршено основно образование (74 насто) и симпатизерите на СДСМ (68 насто) се согласуваат дека членството на Македонија во ЕУ би било добра работа, додека помал степен на согласување може да се забележи кај Македонците (54 насто), како и кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (53 насто).
Студијата „Старо купувам – Новата европска приказна за Македонија“, ја подготви Македонскиот центар за европско образование, a e поддржана од Фондацијата „Отворено општество – Скопје“.