По завршувањето на денешниот распит на обвинетите во случајот „Ровер“, обвинителката Лидија Раичевиќ – Вучкова вели дека ги смета за оправдани критиките кои ги упати кон неа Љубе Бошкоски, кој изјави дека обвинителката треба да биде обвинета за иживување и малтретирање на луѓе кои не сториле кривично дело.
– Очекувам правично и многу побрзо судење. Критиките од обвинетите допираат до мене, но се оправдани бидејќи сум свесна во која ситуација се наоѓаат. Разликата е голема, јас сум јавен обвинител, а тие се обвинети лица. Не очекувам нови докази за случајот – изјави Раичевиќ – Вучкова.
За адвокатот на Бошкоски, Владимир Ракочевиќ обвинителниот акт при повторното судење не е прецизиран бидејќи нема нови докази, а притоа недостасуваат и елементи за помагање.
Со тоа што јавниот обвинител не го прецизира обвинението, многу е олеснето на одбраната, бидејќи нема докази дека се работи за помагање како што обвинетите се теретат. Ако јавниот обвинител не го повлече обвинението, ќе биде донесена ослободителна пресуда. Во однос на останатите обвинети имаше предлог за укинување на притворот, освен за Љубе Бошкоски, меѓутоа судот го одби.
Како што изјави адвокатот на Зоран Трајковски, Љупчо Веселиновски обвинителот не го сменил обвинението, иако постоеле напаствија од Апелација како да се постапи и да се утврди нова фактичка состојба.
– Трајковски е во притвор 720 дена. Судот не најде за сходно да ги сфати препораките од Страбуг дека притворот не треба да трае толку – изјави Веселиновски.
Главниот претрес за случајот „Ровер“ ќе продолжи на 27 август.
Петар Клинчарски