Јавниот обвинител во случајот со нападот на Христијан Пендиков во Охрид останува на ставот дека ќе успее да докаже дека охриѓанецот бил претепан од обвинетиот Илија Спасески и негов пријател поради тоа што се чувствувал Бугарин, објаснувајќи го во детали инцидентот.
– Останувам на обвинителниот предлог и на предложените докази. Обвинителеството во текот ја доказната постапка ќе докаже дека обвинетиот Илија Спасески вечерта на 19 јануари 2023 година во кафе-бар пристапил до масата на Пендиков и му рекол „Не ти е срам да се пишуваш Бугарин“, а откако оштетениот му рекол да се смири, обвинитениот заминал на друга маса.
Но, кога оштетениот излегол од објектот и се движел сам кон неговото возило, обвинетиот заедно со уште едно непознато лице, почнале да го следат Пендиков и од омраза поради националната и етничка припадност на оштетениот кој се изјаснувал како Бугарин, тешко телесно го повредиле удирајќи го по главата и телото со раце и нозе. Откако некој им свикал да го остават, обвинетиот Илија Спасевски рекол „Не вреди за Бугарин да викаш полиција“ и двајцата продолжиле да го тепаат.
Бранителот на Спасески, Димитрија Цобоски се надева дека судот може да утврди дека постапувањето на Пендиков во поглед на идентификација на лицата е контроверзно.
– Во полиција кажува едни лица, на други службеници спомнува други лица, а на интервју за бугрска телевизија зборува сосема поинаку за настанот. Се поставува прашање дали Илија е тој што му го нанесол повредите – рече Цобоски.