Напливот на нови казни е на штета на најсиромашните слоеви, а граѓаните треба да се претворат во послушници на власта. Од сега ушите треба да ви стојат залепени на ѕидот на соседите, зашто може да добиете казна од 1000 евра доколку не пријавите семејно насилство. Нема повеќе место каде може да се расправате-казната се движи од 100 до 400 евра доколку се расправате во својот дом, во заедничките простории или пак на отворен простор.
На денешната дебата „Граѓаните наспроти санкциите и празните буџетските каси“, беше кажано дека со законот за порекршоци беа донесени уште 230 материјални закони, инфлација од норми и одредби кои се јасни и без закон.
-Што повеќе закони, тоа повеќе е корумпирана државата. Инфлација од норми и вишок одредби за термини кои се јасни и без закон. Така сега ни објаснуваат што е велосипед-возило на две тркала, што е ноќ, или што е депонија-неуредено зеленило. Се воведува глоба за расправање од 100 до 400 евра. Има глоба и за скијање по коловоз, кога сте виделе некој да скија по коловоз? Сто евра за кал во гумите, па глоба за излижани гуми, прво дозволија увоз на половни автомобили, па сега воведуваат глоби. Глоби за најранливите групи-занаетечии, за кои казните доколку бидат фатени по втор пат без лиценца се движат од 6 до 9 илјади евра. Има глоба и за сечење дрва во сопствениот двор, рече професорката Гордана Бужаровска.
Според професорката Мирјана Најчевска, казните се наменети за најсиромашните слоеви и само тие ќе бидат погодени од новата казнена политика.
– Ваквата хипер регулација е во директна врска со казнување на сиромашните. Само за пример, ако бараме од секој возач на велосипед да има кацига, тоа значи дека сите оние што не можат да си дозволат кацига не можат да возат велосипед. Кога има казнување за се’ и сешто ние не можеме да пресметаме за тоа кој се казнува, а кој не. Ова бесмисленост во законските регулативи се случува токму заради отсуството на процедура во донесување на овие закони. Ниту една од овие промени не е донесена со партиципација на граѓаните, и не го поминале регуларниот процес во кој ќе се собираат мислења, ќе се видат приоритетите, рече професорката Најчевска.
Ана Блажева психолог и истражувач оценува дека казните и општата атмосфера на страв придонесува за негативни емоции кај луѓето, чувство на гнев, немоќ. За неа најилустративен пример за тоа беше прилепчанецот кој летово легна на сред улица во прилеп за да ја изрази својата беспомошност и протест, бидејќи извршители му ја блокирале трансакционата сметка, а тој беше пензионер кој единствен во семејството има некакви приходи.
– Официјалните податоци се дека во 2013 година потрошувачката на антидепресиви се зголемила за 30 проценти, над 1 милион и 600 илјади рецепти се реализирани за ваков вид лекарства. Ова е клиничката слика на менталното здравје на граѓаните. Во последните три месеци над 11 илјади граѓани имаат обезбедени упати за испитување на депресија и анксиозни симптоми. Се разбира ова не го врзувам директно со казните и казнувањето, но ова е една слика на општото здравје, а ако земеме предвид како казните влијаат врз здравјето – овие податоци доволно говорат, рече Блажева.
Дебатата „Граѓаните наспроти санкциите и празните буџетските каси“ ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија.
А.Б.