(ВИДЕО) Не се чекаат 48 часа за потрага: Како тече постапката за пријавување исчезнати малолетници во Македонија?

Од:

Законите во Македонија не предвидуваат рок од еден или два дена за почнување на истрага кога ќе исчезне малолетник. Веднаш по пријавата, се тргнува во акција – разговори со блиските, па се оди до подалечниот круг, со цел да се дознае дали и каде би можело да е заминато детето.

Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажала дека многу често се случувало да станува збор за забранета љубов и исчезнувањето да се повторува. По таквите состојби, портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска вели дека е важно родителите да бидат искрени кога зборуваат со инспекторите, а со цел побрзо пронаоѓање на исчезнатите.

„Она што се прави се разговори со лица кои комуницирале, од кругот на семејството, па потоа на училиште, другарчиња, родители на другарчиња и така натаму. Се прибираат сознанија за можните мотиви за исчезнување, меѓутоа и за размислувањата, дали е можно да е некаде засолнато, во договор со некого, дали е можно да ја напушти државата, дали потекнува од дисфункционално семејство или имало проблем во училиште. Сите тие работи се земаат предвид од страна на инспекторите. Доколку постои сомневање за одредено движење, траекторија на движење, се прегледуваат снимки од безбедносните камери, без разлика дали се јавни или од приватни субјекти за да се види дали може да се види движењето на тоа лице“, вели Прањиќ Талевска за А1он.

Во последниот случај, со исчезнувањето на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, се појавија и неколку шпекулации – наводно влегување во автомобил, а потоа и нејзино пронаоѓање во странство, но и двете работи се покажаа како лажна вест. Она што МВР го прави за да го спречи ширењето на вакви лажни информации е лоцирање на лицето кое ја има ставено објавата на социјалната мрежа, а потоа и санкционирање во соработка со обвинителството.

„Кога имаме конкретно дело, секторот за компјутерски криминал го документира делото, го наоѓа оној кој што стои зад таа објава и потоа во координација со надлежното обвинителство се преземаат сите мерки за санкционирање лицето“, кажа Прањиќ Талевска.

Во Македонија во последните три години дури 74 малолетници се пријавени за исчезнати. Од нив, 65 се пронајдени, а по останатите се трага. Дали потрагата ќе биде во одреден регион, национална или пак и надвор од границите на земјата преку Интерпол, одлучува МВР според податоците кои ги добива.

Но, за земјата да добие подобрени закони, како српскиот Тијанин закон, треба да се случат законски измени или да се донесе целосно нов закон. Она што ќе профункционира во Македонија е системот „Најди ме“, кој ќе го имплементира невладината организација „Новинари за човекови права“, а ќе почне да работи од втората половина на декември. Со овој систем, фотографии од малолетниците кои ќе бидат пријавени како исчезнати во полиција, ќе се појавуваат на банкоматите, во такси компании, јавен градски превоз, мобилните телефони, а истите фотографии ќе стигнуваат и до хотелските рецепции.

Би можело да ве интересира

Уапсени четири малолетници од Скопје осомничени за повеќе кривични дела

Интерпол активираше жолта потерница за Данка Илиќ

Катерина Ѓуровски

МВР уапси бегалец баран од Интерпол

Уште седум деца се примени на ВМА поради труење со алкохол

Горан Наумовски

12 деца од Белград пијани завршија во болница: Иследниците се сомневаат дека децата испиле шпиритус

Инцидент во Карпош: Малолетник истепан од соученици