Наместо пресуда, Кривичниот суд донесе одлука да ја реотвори главната расправата за случајот „Тортура“. Судечкиот совет вели дека неспорно е дека се случил настан, но не е јасно во целост кој од обвинетите кое дејствие го презел, како и каков е тој важен придонес кон извршување на делото. Според судиите, обвинението е концепирано така што на сите обвинети дава еднаква правна квалификација и ги товари дека презеле исти дејствија на извршување, па за нив е нејасно кој од обвинетите кое дејствие и со колкав интензитет и обем го преземал, како и кое дејствие какви последици предизвикало. За судиите, има фактичка пречка за донесување на пресуда.
„Имаше одложување на рочиштата од оправдани причини. Поради промена на поротник, овој случај започна од почеток. За судот неспорно е дека се случил некаков настан, но не е јасно кој од лицата кое дело го сторило. Обвинението е концепирано кое дава еднаква правна кваливикација, така што сите обвинети го сториле истото дејство. За судот е нејасно кој од обвинетите кое дејство го има сторено. При советувањето овој судски совет одлучи за разјаснување на овие прашања. Овој судски совет одлучи да се преотвори постапката. При советувањето за тоа како за доказите на Обвинителството, така и за доказите од обвинетите, остана неразјаснето за отпорот, силата и заканата. Во моментов постои фактична пречка за донесување на мериторна одлука од судскиот совет. Советот смета дека е целисходно и неопходно да се реотвори главната расправа заради разјаснување на овие факти. Расправањето за овие прашања ќе биде во најкраток временски интервал. Главната расправа е закажана за 8 јули. Наредното рочиште е на 14 јули во 10 часот“ рече судијката.
Судечкиот совет посочи дека иако се преотвора постапката, расправањето ќе биде во најкраток временски интервал. Следното рочиште е закажано за во јули.
Според обвинението, апсењето на Бошкоски е по нарачка на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков. На обвинителна клупа беа поранешниот прв човек на единицата „Алфа”, Ивица Анчевски – Пуки, и уште петмина припадници на единицата, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски и Метуш Шабани.
Обвинителството ги гони обвинетите за мачење и сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска, а обвинението го застапува јавниот обвинител Љубомир Лапе.