Акцијата за пречек на печалбарите им пропадна на активистите на Беса, откако од граничната полиција им соопшти дека нивната дозвола за престој не е регулирана. Младите на Беса беа облечени во маици со знакот на партијата и со патриотски капи на главите, домашните туристи планираа да ги чекаат на влезот во државата и да им делат, како што велат, ладна вода и да им посакаат топло добредојде дома. Откако настана проблемот на граничниот премин, дојде и лидерот на партијата, Билал Касами, во обид да најде решение, но не успеа. Тој се сомнева дека целата работа има политичка позадина.
„Уредно е поднесена документацијата до МВР Скопје, а зошто не добивме одобрение, не ми е јасно. Целата работа остава сомнеж дека зад работата се крие ДУИ, бидејќи командир во гранична полиција на активистите им кажал да не се трудат зашто одговорот ќе биде негативен. Овде, на границата, доаѓам од Тетово, затоа што таму притвориле некој наш активист затоа што цртал графити. Јасно дека ова е атак врз нас и имаме право да се сомневаме“, вели Касами.
Од МВР информираа дека од партијата Беса испратиле допис за престој на граничниот премин Табановце, но за да се процесуира, потребно било да го испратат ден порано. Одговор на барањето може да очекуваат во понеделник.