Стевче Стевоски, кандидат за советник во Охрид смета дека нема потреба да го саботираат него ако влезе во советот на градот, туку вели дека ќе ги прави тој секојпат кога ќе се обидат останатите да гласаат нешто спротивно на интересите на граѓаните. Смета дека плажите се уривале селективно, за кои потенцираше дека биле користени само од активисти на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според Стевоски, со негово влегување во Советот на Охрид, тоа нема да биде место за дремење и гледање во телефони, туку како што кажа, место каде ќе се бие битка за подобар Охрид.
„Тој човек не е тоа што во јавноста. Тој е обичен човек кој што го извиличија двете политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, желни за нивната власт, за да ја добијат и раководат со општина Охрид. Го искористија човекот, односно истиот работеше за двете политички партии. Со него победуваа и ги правеа сите бизниси во Охрид. Вината не е кај тој човек, туку кај нашите луѓе кои потклекнаа пред интересите на еден човек. Од владеењето на овие две партии, ние трпиме штета и денес. Најголемиот проблем е што вие сте матрица, вашиот ген не се менува. Што видовме добро ние за овие четири години освен капитални инвестиции од Владата, дали имавме одговорност за долгот предизвикан од 50 милиони евра, која јас ја барав. Тој долг е знак дека е настанат од одредени активности кои биле спротивни на законот. Што е тоа што се направи во Охрид за 50 милиони евра а треба да се врати? Кажете инвестиција, еве една. Тоа е пералница на пари. Јас ако бидам советник, јас ви гарантирам дека таму можеби и стапови ќе играат и нема да донесете ниедна одлука која ќе биде неосновано задолжување на Охрид“, вели Стевоски за Усеини.
Кандидатот за советник, кој беше и во претходниот состав, Ристо Николески од СДСМ, посочи дека во идниот мандат, кој сметаат дека ќе го добијат, ќе се осврнат на развојот на општината и туризам преку текот на целата година. Тој посочи и проекти за млади со кои ќе ги задржуваат во општината, но и инфраструктурни зафати кои ќе го сменат ликот на градот.
„Стереотип од некогашното владеење и величење на одредени личности е дека двете партии ја уништуваат Македонија. Верувам дека Охрид и тимот кој го владее градот, доволно покажа ажурност, спремност, способност, да ги реши клучните проблеми кои се напластувале. На независните им е многу лесно да кажат, но кога имаш багаж и кога си бил претходно на власт, можат лесно да кажат дека ова не чини. Колку повеќе листи толку подобра и подемократска општина. Се исчисти крајбрежјето, а сега ќе се прават плажи по мерка на граѓаните. Хаосот кој беше, особено во просторот на ‘Горица 3’ и ’Славија’, беа направени со бекатон и дискотеки. Општината ќе се заложи за урбана опрема за развој на екологијата и туризмот на плажите. Јас ќе се обврзам за секоја една дива градба која има решение за отстранување или е завршен судскиот процес да биде отстранета. И дивата база, и верувам односно знам дека таа ќе биде отстранета доколку ние дојдеме на власт“, рече Николески.