Ова е лицемерие колеги од ВМРО-ДПМНЕ, имавте обврска до 7-ми месецов, сведоците од вашата партија да достават датум кога ќе можат да бидат сослушувани. Зошто Никола Груевски не го испочитувал тоа што пратеникот Павле Созадов јавно го направил на оваа седница?, се побуни на денешната седница на Анкетна комисија пратеникот од НСДСП, Горан Мисовски, откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, известија дека премиерот нема да дојде на закажаното сослушање и дека тој предлага сослушувањето да се презакаже за 14-ти декември.
Мисовски потсети дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Павле Саздов си земал за обврска да им се обрати на првите луѓе од партијата со цел во догледно време да одговорат кога ќе можат да присуствуваат на седница на Комисијата каде ќе бидат сослушувани.
-Колегата Саздов јавно ги повикал сведоците, сите шест, најдоцна до 7-ми декември да достават известување за нивните активности и да ја известат Комисијата за нивната евентуална спреченост. Ова колеги од ВМРО-ДПМНЕ е крајно несериозно од ваша страна и крајно лицемерно – рече тој.
Васко Ковачевски, од СДСМ, рече дека е неприфатливо премиерот да ја известува Комисијата преку својот портпарол со соопштение до јавноста.
-До овој момент Груевски како претседател не се има изјаснето дали ќе дојде или не. Изјавата на партискиот портларол не ја сметам за важечка. Ако за вас државата и партијата е исто, за нас е сосема поинаку. Груевски требаше офиијлно да ја извести оваа Комисија, како што направи Ставревски, иако со задоцнување од два дена – рече Ковачевски.
Маја Васева