ВИДЕО: Министре Спасов ако вашата сестра или мајка беше нападната, дали ќе реагиравте поинаку?

Од:

„Стоп за насилството врз жените“, „16 убиени жени за 6 години!! Што презедовте?“,„Розови реклами, црна реалност“, „Колку жени треба да бидат убиени пред да преземете нешто?“ – со овие написи денеска напладне демонстрираа активистите од невладините организации пред Министерствто за труд и социјална политика, незадоволни од политиките на Министерството, активистите го прашаа министерот, Диме Спасов, што презеде за да не се случат убиствата во Злетово.

Од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство се револтирани заради растечкото семејно насилство и зголемувањето на бројот на жртвите кои се главно жени.

– Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство. Го прашуваме Министерот за труд и социјална политика , г-динот Диме Спасов – Каде е пропустот? Можеле ли овие убиства да не се случат? Можела ли соодветна процена на ризик за безбедноста на жртвите да го спречи фаталниот крај?

Овој протест ќе го организираме се додека не добиеме одговор на овие прашања. Секој 25ти во месецот ќе се собираме пред Министерството за труд и социјална политика и ке бараме одговор „Дали трократното убиство во Кавадарци можеше да се спречи“, „Дали двојното убиство и самоубиство во Аеродром можеше да се спречи? „Дали убиството во Ново Лисиче можеше да се спречи?“… Колку уште жени треба да го изгубат својот живот, колку деца треба да останат без своите мајки, членови на семејството без своите керки, сестри, роднини за да конечно преземете нешто! За да престанете да го толерирате насилството врз жените кое се случува пред вашите очи! 16 убиени жени не се само бројка…тоа се 16 семејства кои изгубиле сестра, ќерка, мајка, рече Елена Димушевска од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

 


Савка Тодоровска рече дека и последниот случај на убиствата во Злетово е доказ дека семејното насилство е сериозен проблем.

– Проблемот на насилството во семејството веќе не е личен проблем, тоа е проблем на општеството, само така можеме да го решиме проблемот, рече Тодоровска

25 ноември е меѓународнен ден против насилство врз жените и активистите ја почнаа кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените“. 16 дена активизам е глобална кампања која прв пат е организирана во 1991 година од Институтот за женско глобално лидерство.

Датумите 25 Ноември- Меѓународен ден против насилството врз жените, и 10 Декември- Меѓународен ден на човековите права, се одбрани со цел симболично поврзување на насилството врз жените и човековите права, а со тоа и акцентирање дека насилството е кршење на човековите права.

Активистите побарале прием кај министерот Диме Спасов за да разговараат за мерките што ги предлагаат но досега немаат одговор од него.

Би можело да ве интересира

Скопјанка била истепана од сопругот и од нејзиниот свекор

МВР: Кривична пријава за полицаец осомничен за семејно насилство

Уапсени се двајца неготинци за напад врз малолетна ќерка и сестра

Скопјанец со тврд предмет си го истепал 76-годишниот татко

Во скопско Визбегово татко ги нападнал своите синови

Тетовец ја затворил снаата во куќа и повеќе пати ја тепал