Антонио Апостолски, адвокатот на директорот на УБК, Сашо Мијалков, на денешното подготвително судско рочиште што се води за клевета против „Фокус“, уредничката Јадранка Костова и против новинарот Владо Апостолов, побара тие да се извинат, за Мијалков да ја повлече тужбата. Овој предлог не важи за поранешниот амбасадор во Чешка Игор Илиевски за кого Апостолски најави дека ќе биде зголемено барањето.
-Од наша страна е понудено вонсудски да се реши спорот. доколку добиеме соодветен одговор од другата страна ќе размислиме како и во кој правец ќе ја продолжиме постапката, рече адвокатот Антониот Апостолски.
Одбраната на „Фокус“ не се изјасни за понудената спогодба и побара тужбата да биде отфрлена како неуредна зашто во неа освен името на тужителот, нема адреса, матичен број, ниту, пак фотокопија од лична карта, но сепак судот сепак не го прифати ова барање.
-Со вонсудско решение на спорот, сметам дека за такво нешто постои воља и кај сопствениците на медиумот, но по дополнителни консултации ќе се изјасниме за предлогот, рече Оливер Вуксановиќ, застапникот на „Фокус“ пред судот.
-До сега се покажува дека законот кој имаше за цел да ги обесхрабри високите фукнкционери да го користат методот за закана преку тужбите за клевета и навреда, не ја исполнува целта и повторно преку тужбите новинарите се под ужасен притисок да си наметнат цензура за да ги избегнат високите казни.
– Самиот процес на судење е исцрпувачки и за новинарите и медиумите, сегашното рочиште покажува дека во пракса поимањето на високите функционери и на судот е дека медиумите треба да бидат казнувани.
– Затоа имаме сиутуација каде тужител може да поднесе тужба без матичен број и адреса и имаме тужба од непознат човек. Судската пракса за сега не ни дава надеж дека работите ќе тргнат на добро рече Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари на медиумски работници.
Тужбата е поднесена поради пренесена изјава во „Фокус“ од поранешниот амбасадор на земјава во Чешка кој изјави дека имал притисоци од директорот на УБК, Мијалков.
Авторот на текстот, тужениот новинар Владо Апостолов се обидел да стапи во контакт со Мијалков со намера да се чуе и втората страна, но не му успеало. Тужителот бара по илјада евра од новинарот Владо Апостолов и поранешниот амбасадор, 10.000 евра од уредникот Јадранка Костова и 15.000 евра од дневниот весник „Фокус”. Следното рочиште се закажа за 19 Јуни.