Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тоа што го зборуваат претставници на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент, и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.
-Пристигнуваат многу различни пораки од официјална Софија. Нашите стари рекле „помалку слушај што зборуваат повеќе гледај што работат“. Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП АФЕТ се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или „present“, и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред, така што имаат можност ова што го зборуваат да го покажат и на дело, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Битола, прашан да ја искоментира вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев.
Мицкоски изрази очекување Софија да ја прифати средбата во рамки на состанокот на НАТО во Хаг, и како што истакна, „да се разговара и за Коридорот 8, да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед, и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“.
Бугарскиот претседател Радев синоќа од Тирана порача дека не станува збор за нерешени билатерални односи, за за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија. -Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи, рече Радев.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски вчера изјави дека се работи на засилување на динамиката на средби со официјална Софија и оти сме подготвени за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности, но наше и да ставиме јасна црвена линија дека по однос на одредени прашања поврзани со идентитетските атрибути.
Премиерот Мицкоски викендов информираше дека е остварена комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во државава по иницијативата за средба со бугарската страна и оти има предлог термин, за кој се чека да се изјасни Бугарија. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пак, во петокот кажа дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.