Носењето заштитни маски ќе биде задолжително секаде, на отворен и затворен простор, а од ова правило ќе бидат исклучени единствено децата помали од шест години, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
На денешната прес конференција, министерот Филипче ги соопшти мерките кои Министерството заедно со Комисијата за заразни болести ги предложила до Владата.
„Се забранува групирање на повеќе од четворица на јавен простор, паркови и бензински пумпи после 22 часот. Се забрануваат поголеми семејни прослави во домашни услови, се забранува групирање на слави или собири во групи во домовите“, најави Филипче.
Во едно живеалиште, стан или куќа, сопствениците можат да примат најмногу четири лица со друга адреса на живеење.
Носење маска, шал или марама ќе биде задолжително секаде на отворено, на затворено, во јавни објекти, работно место, во јавен и приватен транспорт. Исклучок има при спортување надвор или внатре, со почитување на протоколи или во автомобил, ако сите патници се членови на исто семејство или живеат во едно домаќинство, во угостителски објекти ако се почитуваат сите протоколи.
Филипче рече дека состојбата кај нас иако е стабилна, може лесно да ескалира.
„Од анализата на состојбата со пандемијата на светско и европско ниво, јасно е дека есенскиот бран е тука и мораме да делуваме да се заштитиме“, рече министерот.