Министерот за правда Бојан Маричиќ и неговиот заменик, Агим Нухиу, заедно со амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Македонија, г. Дирк Јан Коп, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, и директорот на Управата за извршување на санкциите Марјан Спасовски, беа во увид на градежните работи на новиот Воспитно-поправен дом во тетовското село Волковија.
Станува збор за нов објект на воспитно-поправниот дом во кој ќе бидат сместени малолетни штитеници. Со подобрените услови, надлежните очекуваат значително да се подобри грижата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на децата-штитеници.
Вкупната вредност на изградбата на ВПД Тетово изнесува 253.582.000,00 денари, што е околу четири милиони евра.
Воспитно-поправниот дом претставува целосно нов комплекс на објекти со површина од околу 16.000 м2, ограден со безбедносна жичена ограда, шеталишта, спортско игралиште за кошарка, мал фудбал и ракомет. Целосно се исполнети условите за самостојно функционирање на установата и тоа:
– Три објекти за сместување во отворени одделенија и одделенија за засилен надзор, со нето површина од 1.920 м2,
– Покрај сместувачките објекти изграден е административен блок со нето површина од 1.603 м2, во чии рамки е приемното одделение, одделение за посети, амбуланта за општа медицина и стоматологија, кујна, трпезарија, перална, едукативно одделение, повеќе наменска спортска сала и административен дел за вработените во установата, и
– Објект со две работилници и гаражи за работно ангажирање на штитениците.
Оваа установа која наскоро ќе биде ставена во функција ги задоволува сите европски стандарди за сместување и работа со деца во судир со законот. Отпадните води целосно се прифаќаат и се одведуваат до пречистителна станица.
Изградена е котларница која за погонско гориво користи лесно масло, наменета за затоплување на објектите, како и соларни панели на секој објект.