Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција ги претстави Законот за централен регистар на население, Законот за електорноско управвуање и електронски услуги и Законот за електронкси документи, електронска идентификација и доверливи услуги.
Како што рече министерот Манчевски, законите гарантираат конечна дигитализација на јавниот сектор. На овој начин постепено ќе се намалува употребата на хартија при добивање на сите услуги потребни за граѓаните.
„Основата на овој процес е Законот за централен регистар на население. Со овој Закон се предвидува воспоставуање на Регистар на население како единствена и во реално време ажурирана база на податоци за граѓаните. Податоците во овој регистар се добиени од МВР, УВМК и Централен регистар. Ова значи дека конечно, постои единствен начин на водење на поединечните бази на податоци, врз основа на утврдени стандарди и процедури“, истакна министерот Манчевски.
Со Закон за електронско управување и електронски услуги се обезбедува ефикасно и ефективно давање на услуги по електронски пат, а врз основа на утврдени стандарди и процедури.
„Законот го гарантира функционирањето на Каталог на услуги и Национален портал за електронски услуги. Каталогот во себе ги содржи сите потребни информации за сите услуги кои ги нуди јавниот сектор. Порталот ќе овозможи граѓаните да ги добиваат услугите по електронски пат. Како бројот на услуги кои ќе се дигитализираат ќе расте така и порталот ќе се надградува. Националниот портал за е-услуги обезбедува документи по електорнски пат кои се подеднакво валидни и се еднакви на документите добиени во хартија“, информираше министерот Манчевски.
Со третиот закон за електронкси документи, електронска идентификација и доверливи услуги, се дефинира и целосно обезбедува дигитализација на услугите.
„Обезбедуваме гаранција електронските документи да имаат иста правна сила како документите во хартија. Владата преку МИОА за оваа намена обезбеди електронски печати за сите институции. Се што ќе треба да направат граѓаните за да ја активираат електронската идентификација е само еднаш да се регистрираат во системот. Тоа ќе може да го направат на два начини. Првата опција е физички, на некој од овластените шалтери. Овластени шалтери ќе има на повеќе локации низ целата држава. Втора опција за регистрација е електронски, со набавување на токен. Граѓаните тоа ќе можат тоа да го направат сами без воопшто да треба физички да посетат некоја институција. Од тој момент, секој граѓанин ќе може да го добива електронски, законски валидни документи од својот дом, односно независно каде се наоѓаат. Документите ќе бидат доставени на маил и ќе бидат со еднаква вредност како документите добиени на шалтер“, потенцираше министерот Манчевски.
Резултат од имплементација на овие закони е елиминирање на сите бирократски чекори, шетања по шалтери, чекање во редици за добивање на документ. До услугите ќе не делат само неколку кликови.
Заложбата за доближување на услугите до граѓаните, конечно се реализира преку овие Закони.
Добивањето на услуги од јавниот сектор беше синоним за губење време, нервози, различни податоци во различни документи. Тоа го менуваме.
Дигитализацијата на услугите го прави овој процес поедноставен, побрз, побезбеден, поефтин и со тоа достапен за сите граѓани.