Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска одржа прес конференција на која го претстави буџетот за МИОА за 2018та година.
Прес конференцијата е дел од серијата конференции посветени на образложување на Прелог Буџетот за 2018 година.
„Граѓанскиот буџет е една од алатките со кои Владата ја зголемува транспарентноста и отчетноста на јавните финансии. Сметаме, како Влада, дека граѓаните мора да знаат за што и како се трошат неговите пари. Тоа е и еден од чекорите напред во однос на спречување на злоупотреба од страна на институциите.
Ќе се обидам на наједноставен начин да Ви презентирам, за што се предвидовме пари во буџетот за 2018 година.
Вкупниот буџет на МИОА за 2018 година изнесува 1.486.050.000 денари. Буџетот на МИОА за 2018 е 3,5 пати зголемен во споредба со претходниот. Навидум тоа е огромно зголемување. Сепак, најголемиот дел од овие пари, односно 1.190.000.000 денари ќе одат за финансирање на МРТВ, МРД и АВМУ. Со ова обезбедивме пред се стабилно и независно финансирање на овие три чинители од радиодифузната дејност. Ова одржливо финансирањем, конечно на МРТВ ќе и даде шанса за развој на автономна и независна уредувачка политика.
Голем дел од нашите стратешки проекти за следната година се со поддршка на ЕУ и други пријатели на Македонија од меѓународната заедница. На тоа ние се гордееме. Но, во исто време обезбедуваме и домашен буџет со кои заедно вложуваме во овие проекти. Со делот на буџетот од развојната програма, во вредност од 146.540.000 денари, МИОА ќе инвестира во неколку капитални проекти од огромно значење за граѓаните.
1. Централен електронски
регистар на население. Проект кој се финансира заедно со Европската Унија. Граѓаните ќе добијат сопствен електронски идентитет со кој ќе може да се идентификуваат и да добиваат електронски услуги од страна на институциите. Електронскиот регистар на население ќе ги реши бројните проблеми кои ги граѓаните ги имаа со многу различни бази на податоци, со кои располагаа различни институции. Меѓу другите, конечно и дефинитивно ќе го решиме проблемот со избирачкиот список.
2. Нов Национален портал за е-услуги. Уште еден проект кој го развиваме заедно со ЕУ. Уште еден пример како Владата заедно со ЕУ на најдиректен начин го подобрува животот на граѓаните. Во текот на 2018 година, ќе го пуштиме во употреба новиот портал за е-услуги. Значително ќе се зголеми бројот на услуги кои државата ќе им ги нуди на граѓаните по електронски пат. Овој проект опфаќа сериозни инвестиции во опрема, но исто така и сериозни зафати во делот на законската регулатива. Паралелно работиме во двата дела и граѓаните ќе можат реално да ги видат придобивките од овој проект пред крајот на 2018 година.
3. Мораме да сме ефикасни и да штедиме. Владата одвојува сериозни финансиски средства на бројни одржувања на опрема, софтвер и трошоци за лиценци. Затоа се решивме да инвестираме во нова и побезбедна систем сала, во која на едно место ќе се смести најголемиот дел од опремата во државна сопственост. Но, само оној дел од системите кои се сензитивни од аспект на националната безбедност и безбедноста на приватните податоци на граѓаните. Сите други сервиси и процеси, постепено ќе ги префрлуваме на cloud. Со тоа очекуваме државата да има големи заштеди кои може да се вложат во зголемување на опсегот на е-услуги за граѓаните.
Во следната година ќе работиме и на надградба на постоечката инфраструктура, за да администрацијата биде побрза и поефикасна, со цел граѓаните да добиваат подобри услуги.
• Ќе го надградиме постоечкиот електронски систем за управување со документи.
• Ќе воспоставиме единствен национален електронски регистар на прописи. Граѓаните на едно место да можат да ги добијат детален опис на сите прописи и процедури, наместо да треба да лутаат по различни веб страни и да читаат закони.
• Воведуваме целосно нов систем за електронска наплата на административните такси.
Посветено работевме и на Стратегијата за реформа на јавната администрација. Очекувам таа да биде испратена до Владата пред крајот на оваа година. Стратегијата како документ, нема да е ништо ако не е проследена со соодветен акциски план и поддржана со соодветен буџет. Во делот на реформата на администрацијата, генерално можам да кажам дека фокусот на реформите во 2018 година ќе биде ставен во делот на дигитализацијата, како клучен дел на било која реформа на администрација во 21-от век.
Македонија во текот на пролетта 2018 година ќе биде домаќин на првиот историски ИТ Самит на земјите од Западниот Балкан. Во Скопје ќе бидат присутни политичките лидери од Балканот и ЕУ, но и лидерите од ИТ индустријата, како и на глобалните медиуми. Од овој самит очекуваме нови иницијативи за регионални вложувања за развој на дигиталната економија, како и на дигиталната поврзаност на земјите од Западниот Балкан и ЕУ.
Целта за модернизацијата и дигитализација на администрација не е само декларативна заложба. Тоа е реална посветеност на министерството. Во буџетот за 2018 тоа е планирано да се постигне преку: стручни усовршувања и обуки на административните службеници, вложувања во стандарди за квалитет (ИСО) и управување со истиот (CAF).
Развојната компонента во предлог-буџетот за 2018 година првично е проектирана оптимално, во продуктивни проекти со цел поедноставни и поевтини услуги за граѓаните и бизнисот. Целосна реализација на буџетот претставува голем предизвик. Но, цврсто сум убеден дека со посветеност и многу работа, во постојана комуникација со граѓаните ќе успееме во нашите напори“, рече министерот Дамјан Манчевски.