Како жена сум горда што во целиот овој систем постојат жени кои се храбри и постапуваат според законите, рече обвинителката од СЈО Ленче Ристоска забележувајќи дека патот за остварување на правдата се уште е поплочен со страв и со несигурност на луѓето.
Обвинителката Ристоска беше пречекана со бурни овации од публиката, на својата презентација насловена „Жените како чуварки на правдата”, на денешната конференција за друштвени медиуми „Engage 2016“, во организација на МОФ.
Ленче Ристска потсети дека иако се декларираме како демократска држава, се уште правата на жената не се почитуваат, а општеството очекува тие да бидат потчинети.
Таа одговараше и на прашања од публиката. За имињата на предметите што ги води СЈО, таа рече дека не се однапред подготвени, туку се именуваат во текот на предистражната постапка.
– Можеби не ви се верува, но немаме нови предмети што почнуваат на буквата „Т“, рече Ристоска.
Прашана колку е тешко во судството во Македонија да успее жена што не почитува Сваровски, Ристоска одговори дека секаде е тешко, па и во Македонија за оние што сакаат да успеат само врз основа на својот професионализам и знаење.
Ленче Ристоска презентираше долг список на нејзини хероини, почнувајќи од баба и, и мајка и, а завршувајќи со нејзите колешки од СЈО.
Таа уште еднаш повтори дека чекаат одговор од Иванов како добил податоци од предистражни постапки.
– Ние не сме против аболицијата, но конечниот став на СЈО ќе зависи од одговорот на Иванов, рече Ристоска.
А.Б.