Ние не ви нудиме кандидати кои се обвинети и осомничени за сторени тешки кривични дела. Не ви нудиме кандидати за кои се води предистражна или истражна постапка, па дури и аболирани кандидати. Немаме носители на листи кои се дојдени на привремена работа во Република Македонија да си одработат и наплатат, па да се вратат во нивната резервна држава, рече Јове Кекеновски, носител на кандидатската листа во изборната единица два од Коалицијата за промени и правда.
– Денес, кога по заслуга на партиската врхушка сме доведени пред работ на опстанок на нашата држава, кога најголем дел од нас се срамат и се гневни на тие лажни патриоти, на псевдонационалисти, на клептоманите, профитерите, на лажните моралисти и недоразвиените политички ембриони како оној со колата кога бегаше, на сите нас ни е јасно дека е дојдено време за промени и правда, истакна Кекеновски.
Тој повика на охрабрување на народот, да се разбуди свеста и совеста со цел да се казнат оние кои според него го посеале семето на раздор во Македонија.
– Без оглед на фактот што партиите на власт со помош на корумпираните медиуми со пари украдени од граѓаните веќе ја започнаа операцијата перење на мозок, повеќе сум убеден дека на граѓаните им е јасно дека тоа е лага, рече Кекеновски.