Случаите „Маџар Телеком“, „Шпион“, „Верушевски“, се случаите кои ќе ги истражува Специјалното јавно обвинителство, како што денеска објави Катица Јанева.
-Ова јавно обвинителство ќе воспостави надлежност над предметот попознат во јавноста како “Маџар телеком”, предметот против Зоран Верушевски за кривично дело “неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” од член 396 од кривичниот законик и предметот оформен под ко 1 бр.55/2016 против Горан Верушевски, рече Јанева.
Таа соопшти дека во текот на утрешниот ден до Советот на јавните обвинители достави барање за да бидат предадени овие предмети во СЈО, бидејќи овие предмети, како што рече Јанева, произлегуваат од законот за Специјалното јавно обвинителство и содржината на овие предмети се однесува на незаконското следење на комуникациите.
Јанева информираше и дека целокупната документција што ја барало СЈО била преземана од Централниот регистар.
– Ова јавно обвинителство ја презеде целокупната документација која беше наведена во наредбата од судот за одземање на предмети од централниот регистар. Во конкретниот случај ја поздравуваме соработката со судот и изразуваме уверување дека сите институции од кои се побарани податоци или списи во рамки на законски дадените овластувања на ова обвинителство ќе постапат по нашите наредби, рече Јанева.
Таа кажа дека врз основа на законот за кривична постапка ќе поднесе барање за заштита на законитоста до врховниот суд против решението на кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1, за незаконското лишување од слобода на осомничениот Едмонд Темелко.
Јанева потврди дека од 25 март СЈО има надлежност над предметот во јавноста познат како “Шпион” и дека од Апелациониот суд Скопје побарале да биде доставен овој предмет со сите списи.
Катица Јанева ги повика Собранието и институциите да се држат до препораките на Венецијанската комисија и нагласи дека треба да се дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес.
– Ги повикувам надлежните органи во Република Македонија, а особено Собранието на Република Македонија како и сите останати тела и институции да ја превземат својата одговорност согласно својот мандат и во пракса да ја покажат подготвеноста за прифаќање и за доследно почитување на европските стандарди особено во однос на последното мислење на Венецијанската комисија. Оттука, ги цитирам упатените препораки во однос на законот за заштита на приватноста со кои се нотира дека ‘законот има легитимна цел, но не остварува соодветен баланс помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста од кои причини истиот треба да дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес, со некои потесно дефинирани исклучоци, поврзани со јавното објавување на информации за интимни аспекти од приватниот и семејниот живот, а особено прецизно дефинирање на обврската за предавање на материјалите на специјалното обвинителство која не треба да го исклучи објавувањето на такви материјали кои се однесуваат на работи од јавен интерес, рече Јанева.