Откако Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева даде изјава пред Советот на обвинители, под кои околности ги разрешила од СЈО двете обвинителки, Лејла Кадриу и Марија Ѓоргева, таа за медиумите изјави дека сега комисијата што ја формираше Советот на обвинители треба да одлучува, но таа според законот за СЈО има право да одлучува со колку и со кои обвинители ќе работи во СЈО.
– Денеска дадов изјава во врска со отстранувањето на двете обвинителки од тимот, оставам понатаму Советот на јавни обвинители да донесе одлука. За тоа прашање нема да одговарам повеќе, бидејќи во најскоро време во СЈО ќе има прес конференција. Пред Советот објаснив дека сум постапила согласно законот. Членовите на комисијата составена од Советот, ме прашуваше за околностите во кои сум ја донела мојата одлука, а во останатиот дел, самите ќе си донесат одлука врз основа на изјавата на колешките и на мојата изјава, рече Јанева
Разрешените обвинителки веќе не доаѓаат на работа во СЈО. Советот треба да ги прераспредели овие обвинителки.
– Го почитувам Советот и не сакам да се мешам во неговите натамошни одлуки, рече Јанева.
Таа соопшти дека денеска во Советот не станало збор за материјалите кои опозицијата ги достави во СЈО.
– За тоа, согласно законот, имам обврска да доставам извештај до Собранието.
Јанева на новинарско прашање дали може да ги демантира или да ги потврди шпекулациите во јавноста, дека причината за отстранувањето на обвинителките е оддавање на службени тајни, одговори дека СЈО работи транспарентно, без никкави тајни.
– Се ќе биде објаснето во извештајот, кој согласно законот, ќе биде пред Собранието до 15 март, рече Јанева.
Таа потврди дека случајот Мартин Нешковски е веќе во надлежност на СЈО, а за утрешната седница на Кривичниот совет за случајот „Пуч“ таа нагласи дека ќе дискутираат за сите докази кои ги има СЈО.
А.Б.