(ВИДЕО) Извршители селат професорка: Тој што од мекиците од децата збираше пари сака да ми ја одземе куќата

Од:

Извршители, со полициска асистенција попладнево почнаа да го празнат дворот на професорката на Економскиот институт Снежана Костадиноска – Милошеска, со најава дека треба да ја преземат целата куќа поради долг за неисплатен кредит на нејзиниот сопруг. Таа, со двајца адвокати, денес безуспешно се обидуваше на извршителите да им објасни дека нејзиниот сопруг е сопственик само на една третина од куќата, а таа ги поседува останатите две третини, за што добила судска пресуда. Укажа и дека долгот е платен, но никој не им го признавал и тоа, па се сомнева дека моќни луѓе се обидуваат насила да и го одземат имотот.

„Адвокат ми беше Дејан Костиќ, кумот на Рашковски. Цело време ме бранеше во предметот убеден дека јас сум во право, но во меѓувреме добива други инструкции од неговите кумови и ментори и наместо да ме одбрани, тој и неколкумина други, заеднички, во договор, имам точни имиња за тоа и материјални докази, сакаат да ми го одземат имотот. Се сомневам на неговиот кум кој што е познат во јавноста за вакви дејанија, кој што од мекиците од децата збираше пари“, вели професорката Костадиноска – Милошеска.

dobivaj vesti na viber

Костадиноска – Милошеска, токму поради можноста да и биде одземена куќата и да остане на улица, го тужела сопругот, а ја застапувал адвокатот Крстиќ. Судот утврдил дека Милошевска има правен интерес да се утврди нејзиното сопственичко право откако сопругот добил прибелешка за извршување од извршителот Андреа Буневски поради долг за кредит кој го земал без знаење и без потпис од сопругата. Таа пред судот успеала да докаже дека има поголем придонес за создавање на заедничкиот имот. Со нејзината плата, дополнителните приходи и продаден имот во Охрид  докажала дека две третини од вложеното во имотот во Сопиште го обезбедила таа па од тука судот донел пресуда дека таа е сопственик на две третини од целиот имот, вклучително и куќата која сега е предмет на извршување.

Професорката е убедена дека интересот да и се одземе имотот е голем.

Сопственик на две третини од куќата е професорката Костадиноска – Милошеска

„Има интереси други. Овде поминувал некој крак за нафтовод и ова подрачје било стратешки интересно од страна на идната гасификација на Македонија и плановите за идно преструктуирање“, смета професорката Костадиноска – Милошеска.

Таа беше вознемирена што извршителите без претходно да ја предупредат или да ја известат утрово се појавиле во нејзиниот двор. Известување вели дека не стигнало ниту за нејзиниот сопруг.

„Мојот сопруг е многу тешко болен. Тој поседува една третина од имотот овде. Господата се упорни по секоја цена да ме исфрлат надвор од оваа куќа, без претходно да ме предупредат“, вели професорката Костадиноска – Милошеска.

Нејзиниот адвокат Страшо Ангелески предупреди дека извршителите треба да ја почитуваат судската одлука за поделба на имотот.

„Сето ова што се случува е вознемирување на лице целосно, видно, невино. Не е спомнато нејзиното име во налогот, ниту во дозволата. Ние не го негираме тоа што го пишува и ние повелете извршете врз должникот, врз тие ствари што него му припаѓаат. Меѓутоа госпоѓата што има лична карта од Република Македонија, што има сопственост на две третини од имотот, тоа треба да се почитува“, рече адвокатот Ангелески.

Во нејзина одбрана денес пред претставниците на извршителот излезе и адвокатот Тони Менкиноски.

„Извршителот има делегирана судска надлежност која го обврзува да го извести доверителот дека постојат вакви факти“, рече Менкиноски укажувајќи дека извршителот воопшто не ја земал предвид пресудата со која Костадиноска – Милошеска е сопственик на две третини од имотот.
Тој објасни дека пресудата е од минатата година, кога било поднесено и барање за упис на сопственоста во Катастар, но измената од таму се уште не ја внеле, а објаснување за доцнењето не добиле. Во имотниот лист целиот имот во Сопиште се води на име на сопругот на Костадиноска – Милошеска.

Таа денес јавно побара објаснување од новиот сопственик на нејзината куќа која, според неа го следеше извршувањето. Ја купил за многу помала вредност од пазарната.

Извршителите го собраа работите што беа во дворот

„Еве младиот господин Ристе Тутурески нека ви објасни како за пет години бизнис заработи сто и нешто илјади евра да ја купи оваа куќа која што вреди над 350.000 евра. Со пазарна вредност од преку 350 илјади евра, тој преку господава во организиран криминал зад кој се кријат моќни луѓе, ќе бидат објавени, има докази за тоа доста, тие упорно во судски инстанци си ги добиваат сите предмети, се им е под контрола, нема проблем да си добијат налог за полициска асистенција, да донесат 15 полицајци овде гледате, во време кога во државава гори на секој чекор, со панцири против мене – жена. Јас немам никакво кривично дело, никаков проблем, ништо кон никого во оваа држава. Напротив со раце и со нозе сум придонела да ја конституирам, сум работела крајно совесно, чесно и многу сум внимавала кон никого да не се огрешам ниту да му останам должна“, рече Милошеска – Костадиноска.

Таа неколку часа се обидуваше сама да најде луѓе што ќе ѝ ја соберат покуќнината, бараше и место каде да ги смести работите, но не успеа. По цел ден објаснувања со лицата дојдени за извршување, на професорката ѝ се слоши и нејзината ќерка ја однесе на лекар. Кусо откако двете заминаа со автомобилот екипите почнаа со извршувањето. Во камион што самите го обезбедија ги товараа работите кои беа во дворот на куќата и се договорија утре да продолжат со извршувањето.

Претставниците на канцеларијата на извршителот Буневски кои денес беа на извршувањето во Сопиште не сакаа да зборуваат за случајот.

„Ете странката ви кажа се“, кусо рече едниот од нив.

Извршувањето го следеа неколкумина полицајци.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Извршителката ме тераше да клечам и да ја молам да ми го врати телефонот

Орце Костов

Текот на парите: како Рашковски делел тендери, па возел „волво“ од фирма поврзана со нив, а Мухамед му ги плаќал кредитите и сметките за децата

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Судијка добила внука, се одложи рочиштето за Драги Рашковски кое е прво по одморите

Кристијан Ландов

Не е Рашковски на фотографиите: Не сакам да ме споредувате со него

Кристијан Ландов

Имотот на Рашковски е поскап кога треба да гарантира за неговата слобода, но недоволен ако државата треба да наплати штета

Рашковски за обвинувањата на Стоилковски: Кратко и јасно, мојата мајка нема сестра

Ана Ололовска