Младински образовен форум (МОФ) започна со спроведувањето на петицијата со која бараат екстерното тестирање да се прогласи за пробно. Препреки во спроведувањето на петицијата имало и вчера и денес од страна на Комуналната инспекција на Град Скопје, кои вчера ги опоменале, а денеска ги избркале од плоштадот со образложение дека немале одобрение да стојат таму.
Штандовите во моментов во Скопје се наоѓаат на Улица Македонија, пред гимназиите Јосип Броз Тито и Орце Николов како и во парк.
„Денеска дојдоа двајца претставници од Комуналната инспекција на Град Скопје и не избркаа бидејќи сме немале дозвола“, изјави Мила Миливојевиќ од МОФ.
Таа вели дека на инспекторите им објасниле дека според член 21 од Уставот на РМ „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без предходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба“.
„Тие не ни го признаа тоа и ни кажаа да дојдеме на улица Македонија бидејќи таа е на територија на Општина Центар, а плоштадот на Град Скопје“, додаде Миливојевиќ.
Оваа реакција од страна на МОФ е заради сериозните пропусти за време на спроведувањето на екстерното тестирање, законските прекршувања и недоследностите.
Петицијата ќе се спроведува во тек на 10 последователни денови, на фреквентни локации на отворен простор во 16 градови во Македонија: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Битола, Велес, Куманово, Кратово, Делчево, Гевгелија, Неготино и Штип.
Темјана Поповска