Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, не се чувствува за виновен во случајот Пендиков во кој е обвинет дека заедно со уште едно лице го претепале охриѓанецот.
– Јасно ми е обвинението, но не се чувствувам за виновен, рече Спасески на второто рочиште од судскиот процес во Основниот суд во Охрид кој го води судијата Бојан Мартиноски.
На Спасески му се суди за кривично дело напад од омраза со тешки повреди.
Неговиот адвокат Димитрија Цобоски рече дека обвинетиот Илија Спасески бил мирно момче кое работи како професор во училиште и учествува во образовен процес и дека досега не е осудуван и против него не се води постапка.
Јавниот обвинител во случајот со нападот на Христијан Пендиков во Охрид остана на ставот дека ќе успее да докаже дека охриѓанецот бил претепан од обвинетиот Илија Спасески и негов пријател поради тоа што се чувствувал Бугарин, објаснувајќи го во детали инцидентот.
Оштетениот Христијан Пендиков не присуствува затоа што треба да се направат дополнителни испитувања, а обвинителство се надева дека наскоро тој ќе се појави, истакна неговиот адвокат Стефан Камишевски на второто рочиште од судскиот процес против неговите напаѓачи.
Илија Спасески беше уапсен неколку дена по нападот врз Пендиков, охриѓанец со македонско државјанство кој од неодамна се декларира како Бугарин. На 22 февруари Спасески беше пуштен од притвор, а истиот ден беше приведен вториот напаѓач на Пендиков, битолчанецот Б.А.
Судот привремено му го одзеде пасошот за да не може да ја напушти државата.
Двете лица се обвинети дека го претепале секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, вечерта на 19 јануари во центарот на Охрид на паркинг близу угостителски објект во кој прво имало вербална пресметка помеѓу нив.