Односот кон природата, воздухот и дрвјата доволно зборува за оваа власт, нејзините тенденции и приоритети, смета колумнистот и уредник на „Окно“, Никола Гелевски, кој на денешната дебата „„Дали кризата е политичка, или државата е во криза?“, го покрена прашањето за редовната сеча на дрвја во Скопје со која се отстранува неопходното зеленило.
Коментарот за Гелевски за значењето на зеленилото во Скопје и деструктивниот однос на власта кон истото, се надоврзува на последната сеча на дрвја на неколку локации во Скопје. Минатата недела беа исечени два столетни костени на улица Македонија, неколку дрвја во Аеродром, борови пред Владата, а за време на празниците беше уништен уште еден дрворед наспроти некогашен ЗОИЛ.
– Дрвото е свето во македонската култура, а кај варвариве дрвото е нешто што треба да се уништи. Во цел свет се прават зафти за дрвото да се заштити или премести. Симболичноста на дрвото е многу поголема отколку хрпа бетон и камења. Нема избор помеѓу споменик и дрво, јасно е – дрво. Но со ова лудило стана обратно, помеѓу дрво и споменик – споменик – рече Гелевски посочувајќи дека во последните години се уништени десет парка во Скопје, додека воздухот станува позагаден од година во година.