Премиерот Христијан Мицкоски под превезот на лаги го крие проектот „Мигранти за пари“ кој сака да го протне кај граѓаните пред изборите кои ги планира на пролет, обвини денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче. Филипче на денешната пес конференција предупреди дека власта не сака да ја потпише Резолуцијата против мигранти, чекајќи ги изборите за потоа да ги смести во станови и да им даде вработување.
„Избори се планирани за пролет, и по моделот на Вучиќ е „ќе има литиум, нема да има, сепак ќе има“ по изборите, Мицкоски сега со истата техника сака да го протне проектот „Мигранти за пари“. Сака да му замачка очи на народот да го изврши ова страшно дело, за по изборите да си добие уште четири години власт, за да има време да ги избрише трагите на една од најголемите измами што граѓаните на Македонија ја доживеале во својата историја“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче јасно кажа дека премиерот не сака да им даде гаранција на граѓаните на Македонија затоа што не може. Затоа што Мицкоски се обврзал да прими мигранти како дел од пакет договорот за кредит со Велика Британија.
Претседателот Филипче и СДСМ вчера отворија и петиција за одбрана на Македонија и притоа ги повика пратениците и членовите на владејачката партија и сите граѓани да ја поддржат со цел да се одржи стабилноста, иднината и безбедноста на граѓаните.
„Повеќе денови наназад предупредуваме дека премиерот Мицкоски договорил преземање мигранти во Македонија.Сите овие изминати денови бараме да одговорат: дали е договорен план за преземање мигранти?Дали ќе им се дозволи и ќе им се даде постојан престој?Дали ќе им се обезби работа?Дали потоа ќе добијат македонски пасоши? Дали планираат да ги сместат во шатори или да им градат социјални станови?И како што гледате-нема одговор!“, рече Филипче.
Тој укажа дека е јасно дека прифаќањето на мигрантите е дел од договорениот кредит со Велика Британија.
„Затоа што се обврзале да примат мигранти како дел од пакет-договор за кредит, за да продолжат да распишуваат тендери и да прават договори во четири очи за да ги трошат народните пари за своите бизнис-партнери“, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека по пишувањата на бројни домашни и странски медиуми, вклучително и британскиот „Тајмс“, сомнежите на СДСМ се потврдени.
„По обидите, фокусот да го префрлат на измислени вести, лажни обвиненија, пријави сè, само да се дефокусира јавноста од горчливиот проблем со мигрантите. По извлекувањето и избегнувањето на премиерот Мицкоски – до пролет, после пролет, ќе бидам премиер, нема да бидам премиер, на сите ни е јасно што се подготвува.Одговорот е јасен – мигранти во јуни во Македонија“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
