Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со делгација предводена од Јоханес Корнелис ван Бален, европратеник и почесен Претседател на Либералната интернационала во Лондон.
По средбата европратеникот Јоханес Корнелис ван Бален даде изјава за новинарите.
„Како што бев претставен, моето име е Јоханес Корнелис Ханс ван Бален. Јас сум европратеник од групата на либералите. Позитивно го оценувам тоа што има политички договор, политичко решение и сакам да дадам признание на сите страни, од опозицијата и владата за подготвеноста да направат договор.
Затоа што овој политички договор што ќе води кон повторно враќање на опозицијата во парламентот, кон техничка, времена влада и изборите во април, ќе биде решавачки за иднината на Македонија. Тогаш граѓаните на Македонија ќе можат да изберат во Април, во каква држава ќе сакаат да живеат.
Дали ќе сакаат да живеат во држава како Грција, којашто е држава која не е во можност да биде вистински независна. Или дали граѓаните на Македонија сакаат држава како Естонија или Холандија, мојата сопствена држава, Данска или Белгија, што значи мала но држава со добро владеење, добро образование, со независни институции, една чиста држава која работи за своите граѓани.
Тоа значи да има институции кои се независни. Така на пример ако се открие незаконско прислушување, нормално би добиле медал за тоа а не закана да се оди во затвор.
Затоа се надевам дека на новиот специјален јавен обвинител ќе му биде даден случајот против господинот Заев, лидерот на опозициската партија СДСМ. Но, исто така и случаи против премиерот Груевски. Бидејќи е време за граѓаните на Македонија денес, без оглед на политичкиот избор, да се работи заедно за доброто на државата.
Пред десет години, кога бев пратеник на холандскиот парламент, ние мислевме и очекувавме дека Македонија ќе стане член на Европската Унија што поскоро, бидејќи тогаш Македонија беше напредна. Сега, после десет години има регресија. Што треба да направиме? Ние, како членки на ЕУ, и Македонија, треба да го скршиме застојот.
Тоа значи да се скрши и грчкото не, бидејќи за мене вие сте Македонци, зборувате македонски и живеете во Република Македонија. Повторно, потребно е да се скрши грчкото не, но, сега исто така треба заедно да се осигураме дека Македонија е модерна држава за нејзините граѓани и дека ова модерна држава може да работи поблиску со ЕУ и како кандидат, ќе може во иднина да стане член на таа Унија.
Иако јас не можам да гласам во вашата држава, многу години сум посетител и се восхитувам на Македонија, позитивен сум за земјата, но секако не можам да гласам. Но,кога би можел да гласам, би гласал за опозициската коалиција и за Либерал демократите на Горан Милевски.
Повторно, мојата последна изјава е, се надевам дека граѓаните на Македонија ќе се обединат и се надевам дека Македонија ќе напредува толку многу и додека јас сум пратеник во Европскиот парламент ќе може да го потпишеме вашето членство во ЕУ“, изјави европратеникот Јоханес Корнелис ван Бален.