Илјадници граѓани со овации и громогласен аплауз на плоштадот „Македонија“ во Скопје ги пречекаа ракометарите на Вардар по втор пат го освоија најелитното ракометно натпреварување во светот.
Во еуфорична атмосфера на плоштадот во Скопје обоен во црвено-црно ракометарите пееја заедно со граѓаните. Автобусот со шампионите помина низ Триумфалната порта исто како и пред две години кога Вардар за првпат ја освои европската шампионска титула.
-Ова ќе го кажам вторпат, скопски Вардар, европски првак. Овие позади мене се најголеми амбасадори на нашата држава, голем дел не се Македонци и еден ден ќе си отидат и ќе зборуваат си беше еднаш еден Вардар и една Македонија. Најубавиот дел од нивните кариери ќе им биде Вардар. Да живее Вардар, да живее Македонија, рече Стојанче Стоилов од бината на плоштадот.
-Мислев дека нема да доживеам таков ден како во 2017, ама го доживеав и во 2019 година. Фала ви Македонци, денес ние сме Македонци, рече Тимур Дибиров.
-Не сакам вечерва тажни приказни. Наши цели беа да се квалификуваме на Ф4, си ветивме сами себе дека ќе играме на теренот, дека ќе уживаме и дека ќе ви донесеме среќа како во 2017. Фала ви за овие седум ипол години во Скопје, сега си одам, но можеби животниот пат повторно ќе нè спои, рече Игор Карачиќ.
Данил Шишкарев се пошегува дека сакал да стане Македонец, но дека не му давале пасош една година.
-Ви честитам ова е голема победа за вас, за нас, за цела Македонија, рече Шишкарев.
-Народ со најголемо срце, се надевам дека сте горди на нас, во најтешки моменти покажавме дека треба да верувате во нас , вие тоа и го направивте, рече Дејан Милосављев.
Публиката на почетокот, пред да излезат ракометарите на сцената, го исвиркаа Град Скопје, кога водителот кажа дека ракометарите ќе добијат 6 милиони денари од Градот. Постојано се пееше „Никоаш Северна, само Македонија, а во еден момент кон оваа парола се приклучија и ракометарите од бината.