ВИДЕО: Досие СЈО – Наместо пресуди, половина судења почнаа од почеток

Од:

Речиси половина од судењата на СЈО почнале од почеток поради смена на судија, поротник или поради законски протек на 90 дена. Судии се сменија во предметите „Насилство“, „Тотал“, „Транспортер“, „Тревник“, „Титаник 3“. Поротници се сменија во „Тортура“,„Транспортер“, а „Трезор“, „Талир 1“ почнаа од почеток поради протек на 90 дена.

Некои од судиите кои постапуваа за предметите на СЈО беа сменети со годишниот распоред, а поротниците или поднесуваа оставки или им истекуваше мандатот. Само во случајот „Титаник 3“ имаше изземање на судии. За протекот на 90 дена сепак најголема вина има токму кај судиите затоа што оставиле 3 месеца да нема ниту едно преземено дејствие и предметот формално да почне од почеток.

Иако се ветуваше специјализирано судско одделение за предметите на СЈО, тоа не се случи. До пред аферата „Рекет“ рочиштата за овие случаи предизвикуваа најголем интерес во јавноста.

По 1,5 година во просек се суди еден предмет на СЈО. То е половина година повеќе од просечното време за решавање на предметите во кривичниот суд. Ова го покажа истражувањето на „А1он“ со анализа на сите 22 обвиненија на ова Обвинителство.

Најбрзо завршил предметот „Тифани“, по признанието на вина на Ивона Талевска за која доби условна казна затвор, а најдолго се судат популарно наречените „шамари во Центар“, или првото обвинение за Никола Груевски.

Првото рочиште за предметот „Насилство“ или популарно наречен „шамарите во Центар“ се одржа пред речиси 3 години, на 16 декември 2016 година. На 11 од 14 обвинети досега им се суди точно 2 години и 10 месеца.

Долг стаж на судење од 2 години и 1 месец имаат предметите за злоупотребите со превозот на ученици познат како „Транспортер“ и „Топлик“ за продажба на земјиште за изградба на населбата Сончев Град. Во „Транспортер“ каде се обвинети 21 лице, се сменија судија и поротник, а протекоа 90 дена од претходно одржано рочиште. И двата предмета се во доказна постапка. Судијката Добрила Кацарска до крајот на годината за „Транспортер“ закажа 10 рочишта, но предметот е обемен со многу материјални докази.

Предметите за даночно затајување „Тотал“, каде е обвинет Драган Павловиќ Латас за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, за набавката на софтвер за ЕЛЕМ, „Тарифа“ и за провизиите за автопатиштата, „Траекторија“ до крајот на годината ќе направат 2 години од одржување на првите рочишта.

За Груевски застарe делото во „Траекторија“. Но, во октомври 2024 година ќе застари и затворкста казна за „мерцедесот“ и нема да се изврши санкцијата. Предметот за масовното прислушување со оваа динамика на судења се очекува дека ќе трае со години, бидејќи за 2 години со одолговлекувања се сослушани само петмина сведоци од стотина колку што предложи само СЈО.

1 година и 9 месеца се судат и предметот за уривањето на Космос, „ТНТ“ и за набавката на софтверот во МВР „Трезор“, а само 1 месец помалку траат и судењата за изживувањето врз Љубе Бошкоски, „Тортура“, како и „Тендери“ за изградбата на Музејот на ВМРО. Во „Тортура“ сè почна одново поради смена на поротничката. Љубе Бошкоски и сите свеодци кои досега сведочеа ќе мора одново да се појават пред судот.

Интересен е предметот „Талир“, бидејќи оценката на обвинението се чекаше приближно 8 месеци, а 8 месеци воопшто не може да почне ни главната расправа. Најмладиот предмет на СЈО за кој е поднесено обвиение е за предметот „Талир 2“, за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Се суди само 2 месеца.

Целосно потврдени пресуди се донесени само за 3 од 22 предмети на СЈО: „Тенк“, „Труст“ и „Тифани“. Единствена ослободителна пресуда е за Латас и неговите браќа во предметот за изградбата на викендичките во Зелениково, „Тревник“.

Но, судот има и поинаква пракса кога со над 30 обвинети, донел пресуди за само неколку месеца. Таков е предметот за настаните од 27 април каде што беа обвинети 33 лица, кога судијката Добрила Кацарска донесе првостепена пресуда за 16 лица за 7 месеца.

Пред пресуда се предметите на СЈО „Титаник 3“, „Тарифа“, и „ТНТ“, но неизвесно е дали тоа ќе се случи до крајот на годината. Останува отворено прашањето, дали со оваа динамика на судења, правдата во Северна Македонија е бавна или недостижна.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Катица Јанева донесена во домашен притвор

Мери Јордановска

Уставните судии зад затворени врати разговараа за иницијативата за спас на обвинетите од СЈО

Татјана Ташкова

Катица Јанева оди во домашен притвор

Мери Јордановска

Дисциплинска за адвокатот Даути зашто бараше да бидат преведени сите списи на албански во „ТНТ“

Васко Маглешов

Координаторот на ДУИ, во 2013 ја чекал сопругата во ходникот, а не уништувал изборен материјал, сведочел Алими во СЈО

Васко Маглешов

Ејуп Алими и’ рече на Фатиме Фетаи дека си правеле слободен муабет во СЈО, записникот го потпишал на ѕид

Васко Маглешов