ВИДЕО: Чад и мирис на топена пластика од синоќа ги задушува Визбегово и Шутка, тлее дива депонија

Од:

Остар мирис на топена пластика и чад од синоќа се шири низ Визбегово и Шутка. Чадот доаѓа од дива депонија во близина на Центарот за азиланти. Тлее запалено ѓубре за кое општинарите велат дека се трупало со години оти просторот, до пред еден месец, како претоварна станица го користело јавното претпријатие „Комунална хигиена“. На барање на Општината го отстапиле просторот, но натрупаното ѓубре го оставиле, а синоќа некој го потпалил, па чад имаше и денес. Одговорните од Општина Шуто Оризари од утрово се на терен. Го собираат ѓубрето за кое велат дека ќе го однесат на депонијата „Дрисла“, а просторот ќе го уредат и ќе забранат фрлање отпад.

„Оваа депонија е остаток од претоварната станица на „Комунална хигиена“, но тука ѓубре остава кој стигне. Со камиони го истураат. Затоа ставивме капија и нема да дозволиме повеќе да се трупа смет овде, но само во рамки на нашите можности. Овде треба на секои пет метри да се постави човек да чува 24 часа, за да можеме да се справиме. Ние немаме толку луѓе“, вели градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш за „А1он“.

Тој не сакаше да зборува пред камера, но ја следеше акцијата за расчистување на депонијата. Се пожали дека откако тие ја преземале одговорноста, ѓубре се остава на други локации во околината. Додека екипата на „А1он“ беше на терен, мало камионче со ознаки „Комунална хигиена“ полно со ѓубре помина покрај дивата депонија, но ја заобиколи и ѓубрето го истури на ридот спроти Центарот за азиланти во близина на депонијата што се расчистуваше.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека просторот што го користеле како претоварна станица го отстапиле и повеќе немаат никакви обврски.

Од синоќа кога почнала да чади депонијата, жителите од околните куќи на социјалните мрежи се жалат дека морале да ги евакуираат децата поради остриот мирис. Велат дека не е првпат да чади депонијата која многу често ја гаселе и пожарникари.

Општинарите велат дека не повикале пожарна оти тие излегле на терен за да го соберат ѓубрето. Додека багерот го собираше отпадот, на другата страна на депонијата мајка со мали деца меѓу чадот, пребаруваше по отпадот.

Кристијан Ландов и Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Гори депонијата во Арачиново

Горан Наумовски

По пожарот во Трубарево измерени се високи концентрации на честички и тешки метали

Предраг Петровиќ

На депонија „Вардариште“ живеат над 200 луѓе, потпалувањата се дело на мал дел од тие што живеат таму, вели Тошковски

Нов пожар, гори фабрика за пластика, црни чадови над Скопје

Предраг Петровиќ

Службеник од општина Шуто Оризари присвоил од општинскиот буџет 3.600.000 денари

Град Скопје: Фирма затекната при вршење нелегални активности, правење дива депонија со градежен и опасен отпад