Размислуваме на повеќе чекори, како за формирање на Влада така и за одблокирање на Собранието. Нема бесконечно да ги чекаме Трајко Вељаноски и Ѓорге Иванов, извршителите на Никола Груевски бидејќи граѓаните очекуваат реформи, вели во интервју за А1он пратеникот Стефан Богоев.
Според него, понудата на Груевски СДСМ да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за формирање на малцинска Влада е прочитано сценарио, а тоа не им треба бидејќи Зоран Заев има поддршка од 67 пратеници.
Колку реплики и контра реплики имаше досега?
– Не можам да ви кажам точно колку говорници имаше. Пријавени за редовна дискусија не се ниту двајца поминати. Речиси сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се јавуваат на реплика на нивните дискутанти, нешто што досега не сум го видел во Собранието.
Логично е кога се влезени преку едни листи да ги застапуваат истите ставови. Секоја реплика на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ почнува со “Колега, се согласувам со тоа што го кажавте, меѓутоа да надополнам”, па оттука е јасно дека целта на диригентот Груевски кој по мобилен им диригира од плажа или од кафе пиење во Малта на пратениците да се пролонгира што повеќе изборот на Претседател на Собранието за тоа да не може да функционира и да се оневозможи зголемување на притисокот врз Ѓорге Иванов да го даде мандатот на Зоран Заев зад кого застанаа 67 пратеници.
Дали е ова кршење на Деловникот?
– Ова е кршење на Деловникот, посебно од страна на претседавачот Трајко Вељаноски. Тој и додека беше претседател на Собранието го кршеше деловникот и организираше тепање на пратеници и новинари, па не е ништо ново за ВМРО-ДПМНЕ и Вељаноски. И овој пат се крши Деловникот, точката е избор на Комисија за избори и именување, меѓутоа ниту еден од дискутантите на ВМРО-ДПМНЕ не се држи на таа тема, се прави обид да се прикрие блокадата на Парламентот со тоа што ќе исплива некоја друга тема. Јасно е дека бегаат од одговорност, јасно е дека се уплашени од Специјалното јавно обвинителство, нив не ги интересира државата, ниту економијата, ниту било што, нив ги интересира да останат подолго на власт за да не бидат достапни на СЈО и на органите на прогон.
Имате ли план Б доколку продолжи узурпацијата на Собранието?
– Во моментов разгледуваме повеќе сценарија. Граѓаните да бидат спокојни, нема да дозволиме ова да трае до бескрај, нема да дозволиме да имаме нефункционално Собрание со недели, со месеци, кое ќе оди во корист на Никола Груевски да се спасат од одговорност.
Имавте неколку средби со Трајко Вељаноски. Што конкретно договоривте?
– Бараме да се повлече ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од оваа нелогичност, да не го трошат времето на граѓаните и Собранието, а со тоа и на Македонија со бесконечно реплицирање едни на други. Никој не може да им забрани да дискутираат, меѓутоа нека се откажат од оние реплики и забелешки кои не се логични, а потоа да се избере претседател и да функционира Собранието и со тоа да бидеме чекор поблиску до формирање на Влада за која граѓаните гласаа и од која очекуваат реформи.
Што доколку се избере претседател на Собранието и Ѓорге Иванов повторно не го даде мандатот?
– Тие чекори ги разгледуваме исто како и чекорот за одблокирање на Собранието. Бесконечно нема да чекаме, знаеме дека граѓаните чекаат нестрпливо да ја видат Македонија повторно на вистинскиот пат. Ѓорге Иванов или Трајко Вељаноски како извршители на нарачателот Никола Груевски бесконечно нема да ги чекаме.
Дали меѓу чекорите кои ги разгледувате е и понудата на ВМРО-ДПМНЕ да формирате малцинска Влада со помош на нивните пратеници?
– Немаме никаква потреба од тоа. Категорично го кажа тоа и Заев, го кажувам и јас. Ја знаеме задната намера на Груевски и не треба, ние имаме мнозинство од 67 пратеници кои застанаа зад Заев како мандатар и премиер на идната Влада. Не е ништо страшно ВМРО-ДПМНЕ да биде некој период во опозиција.
Александар Тодески