Утрово автомобил враќајќи се наназад пропадна во канал кој е дел од градилиштето на недоградената улица Есенинова во Кисела Вода која треба да обезбеди уште една директна врска на оваа општина со Центар.
Улицата трета година е недоградена иако за да се доврши треба да се уредат само уште помалку од сто метри. Трасата е пробиена, па скопјани со месеци ја користат и покрај ризикот да пропаднат во каналот, како возачот утрово, или пак да го изгребат автомобилот како што редовно им се случува на поголемите возила оти на недоградениот дел има останата ограда која ја скратуваат само оние што ќе заглават со возилата.
Возачот утрово тргна кон оградата, но откако процени дека не може да го мине тесниот дел почна да се враќа наназад и пропадна во канал на градилиштето. За возачите нема предупредување за опасност, ниту пак градските власти се потрудија да го обезбедат градилиштето па низ него коли си минуваат како на изградена сообраќајница.
Есенинова е градска улица за чија изградба проектот го направи Коце Трајановски, но пред да ја почне реализацијата ги изгуби изборите. Неговиот наследник Петре Шилегов ја почна изградбата во август 2020 година со најава дека изведбата ќе трае 22 месеци. Шилегов имаше и оптимистичко ветување за скопјани во рамки на изборната кампања во октомври 2021 година. Ветуваше дека до средината на ноември, истата година, по Есенинова ќе се вози оти преместени биле бунарите на Тутунски комбинат, кои беа на трасата и завршени биле неопходните експропријации. Шилегов ги изгуби изборите, а по Есенинова се уште не се вози.
Сегашната градоначалничка Данела Арсовска неколкупати доби прашања од членовите на Советот на Скопје зошто не продолжува со изградбата и кога конечно улицата ќе им биде предадена на граѓаните. Нејзиниот одговор најчесто беше дека ќе им одговори по писмен пат, а неколкупати даде и објаснување дека улицата ќе се гради онолку време колку што треба да биде безбедна за граѓаните, без да посочи рокови.
Од Град Скопје денес не одговорија на прашањата од „А1он“ околу довршувањето на улицата.
Градот, за изградба на оваа улица со вкупна должина од 800 метри, одвои 70 милиони денари. Таа излегува на булеварот Трета македонска бригада, поврзувањето е веќе направено, но не е завршен делот околу преместените бунари на Тутунски комбинат.