(ВИДЕО) Ангелов револтиран поради мостот кај Визбегово: Некој може да биде убиен од овие коцки

Од:

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, го посети мостот кај Визбегово Скопско, а ЦУК упати повторно известување и покана до дел од надлежните институции за Kоординативна работна средба во ЦУК за небезбедноста на конкретниот мост, надвозник, со оглед на тоа дека опасноста не е надмината. Состанокот треба да се одржи утре во 11 часот.

Ангелов, по неговото разгледување на мостот, директно од лице место, упати повик и апел до дел од надлежните институции, за отстранување на опасностите од мостот за граѓаните кои поминуваат по него, а особено за граѓаните коишто со возила поминуваат под него (во неговата изјава од терен):

„По пријава на неколку граѓани повторно сме на мостот кај Визбегово, Скопско. Би рекол стар и небезбеден мост, преку којшто има голема фреквенција на сообраќај. Но, не е наша работа да испитуваме дали овој мост е безбеден и колку е безбеден, бидејќи информациите коишто ги имаме зборуваат дека истиот ќе биде срушен во следните неколку години.

На овој мост се јавува една опасност за граѓаните, којашто се провлекува, би рекол, повеќе од една година. Тоа се овие коцки (камени гранитни коцки од патот). Овие коцки, коишто се расфрлани овде, најверојатно излегуваат од самиот пат. И покрај моето укажување, во повеќе наврати, повторно можам да ги забележам на самата ивица, работ, од мостот.

Возилата коишто се движат по овој мост прават силни вибрации. Кога минуваат камиони, мостот буквално вибрира под моите нозе. Оваа коцка е само на 30-40 сантиметри од работ на мостот и може да падне долу на улица. Доколку оваа коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен.

Дали треба да чекаме некој да биде убиен, да загине, тешко да биде повреден или „изваден од памет“ доколку коцката падне на совозачкото седиште, па излета со колата и удри во ѕидовите на мостот, бидејќи кога вакво нешто би удрило во „шофершајбната“ на возилото (предно ветробранско стакло), било кој возач ќе реагира.

Но, не е само оваа коцка, еве, овде имаме друга коцка, трета, четврта. Коцките постојано излегуваат од патот. Од страна на градот Скопје или општината Бутел по нашата прва пријава веднаш беа преземени мерки и веднаш беше ставена ограда, којашто во „најмала рака“, ја гарантира безбедноста на пешаците, да не одат по тротоарот, којшто во меѓувреме го снема. Од овие арматури висеа бетонски плочки коишто се извадени, за тоа сме благодарни – сепак нешто е преземено.

Но, апелирам, алармирам, градот Скопје, Општина Бутел, нека седнат заедно, нека се договорат – кој е одговорен за овој мост!? Нека не си ја префрлаат надлежноста едни на други. Нека седнат заедно и нека дојдат да го решат овој проблем. Да не си играме со човечките животи и со човечкото здравје, бидејќи овој мост е исклучително фреквентен и ако може да се забележи од самите возила, додека ја давам оваа кратка изјава, поминаа десетици коли, а под моите нозе мостот буквално вибрира многу силно.

Пред извесно време побаравме да дојдат, во ЦУК, претставници на општината Бутел и на градот Скопје, но не дојдоа. Затоа повикувам: – Нека дојдат!
Јас, не знам по кој пат, ќе отстранам неколку коцки – но ова не е решение!… Отстранувањето на овие неколку коцки, постојано и постојано доаѓаат нови и нови коцки.“

Би можело да ве интересира

Македонец доживеал мозочен удар во Унгарија, денеска е префрлен во Скопје со медицинскиот хеликоптер

Катерина Ѓуровски

Запалени две диви депонии во тетовско

Возач од Македонија имал мозочен удар во Унгарија, денеска е пренесен во Скопје со медицинскиот хеликоптер

Со хеликоптер се гасне пожарот на Шар Планина

Катерина Ѓуровски

Општина Дебар бара од ЦУК да помогне во гаснење на два пожара од воздух

ЦУК: Пронајдени изгубените велосипедисти на Беласица